Повторно се отвори лизгарот на Водно, но и се урна улица. При ископ за два станбени објекта на улицата „Славејко Арсов“, се изрони голема маса земја со карпести камења, но падна и дел од улицата над плацот. Поради тоа, таа беше затворена за движење. Ова е пат што ги поврзува двете скопски општини, Центар и Кисела Вода – од едната страна е именувана како „Салвадор Алјенде“, а потоа продолжува под името „Славејко Арсов“.

Од одроните многу објекти останале без вода, телефон, интернет. При копањето, работниците предизвикале хаварија на водоводната цевка фи-200, која опслужува дел од оваа населба, но и Црниче. Во дупката висеа скинати телефонски кабли, а и оптички, кои служат за интернет и за кабелска телевизија.
– Ова сѐ ќе падне еден ден. И ние, кои живееме до оваа дупка, но и други со нас. Секаде се градат потпорни ѕидови, копа кој како ќе стаса. Ова е нешто невидено, па тука воопшто не се води сметка за сигурноста и безбедноста на луѓето – коментираа станари од зградите на Водно, додека гледаа во големата отворна дупка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


