Пратеникот од редовите на ЦДУ-ЦСУ Јохан Вадефул, по разговорот со македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, за Дојче Веле изјави дека постои можност во јуни да бидат отворени пристапните преговори со Република Македонија, кои, како што истакна, најмногу зависат од предлогот на комесарот Филе, пренесува МИА.
– Постои можноста во јуни да биде дадено зелено светло за старт на пристапните преговори со Србија и Македонија. Конкретно за Македонија, во разговорот со министерот Попоски се осврнавме на две теми: бескрајната приказна за спорот со името и декемвриските случувања во Парламентот кои вознемирија многумина во Европа и кои очекуваме целосно да бидат расветлени. Што се однесува до спорот со името на повидок би било решавање на ова прашање во првата година од преговарачкиот процес, а не пред неговиот старт, изјави за ДВ Јохан Вадефул, пратеник на ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот.
На прашањето дали тоа значи дека во јуни ќе се отворат пристапните преговори со Македонија, Вадефул одговори дека се уште е рано да се каже, но посочи дека тој така мисли.
– Мора да почекаме што ќе предложи комесарот Филе. Сега е важно сите учесници да видат како може да придонесат тој да направи добар предлог за Македонија. Тоа е и наша желба. Македонската страна знае што може и што треба да направи, по што Филе ќе биде во состојба да даде и добар предлог. Од друга страна, сега е момент на грчките пријатели да им се порача дека би било добро доколку во европски дух дојде до договор за спорот со името, рече Вадефул.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


