| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски сака да биде мал Црвенковски

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираше на одлуката на новиот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски, да го стопира проектот „Скопје 2014“. Ви ја пренесуваме во целост нивната реакција

ВМРО-ДПМНЕ инсистира Жерновски да направи контрола на сите постапки и процедури поврзани со спроведувањето на проектот „Скопје 2014“. Ние апелираме контролата да ја направи што е можно побрзо и да ги објави резултатите, исто така што е можно побрзо. Само на тој начин неговата најава за контрола ќе има реално значење, а нема да биде само обид за сопствена реклама и промоција. Ние го охрабруваме оваа работа да ја заврши брзо иако знаеме дека ниту неговата намера е искрена ниту, пак, знае да сработи што било. Ако заборави да излезе да ги каже резултатите во јавноста кога ќе види дека сите процедури и постапки се законски, ВМРО-ДПМНЕ упорно ќе го потсетува на тоа.

Жалиме што Андреј Жерновски од првиот ден започна со мораториуми и блокади. Тој така и ќе заврши. По утрото и денот се познава. Мандатот го почнува со желба да запре, на тоа што веќе се гради и работи. Андреј Жерновски очигледно сака да биде мал Бранко Црвенковски и уште првиот ден почна да чекори по неговите стапки. Да потсетиме, Бранко Црвенковски ништо не работеше и ништо не сработи додека беше премиер. Тој само запираше, блокираше и контрираше во сите свои мандати. За жал, така почнува и Жерновски.

Би сакале да потенцираме дека за сите објекти што се во тек на изградба, постојат законски договори со прецизно утврдени рокови за изградба. За сите попречувања и оддолжувања, правните субјекти ќе имаат можност со тужби и пенали да се заштитат од незаконските постапки на Жерновски. Во тој случај штетата ќе треба да се плати од буџетот на Општина Центар, а не Андреј Жерновски лично. Ние внимателно ќе ги следиме сите постапки и ќе се спротивставиме на сите одлуки, кои ќе нанесат штета на буџетот на Општина Центар, односно на граѓаните на општина Центар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top