Мироточивата икона во црквата “Свети Ѓорѓија Победоносец” почна да прави чуда! Ова го потврдуваат членовите на црковниот одбор и старешината на храмот, отец Бобан Богдановски кои раскажуваат дека благодатот од молитвите пред иконата ја почувствувала една повозрасна скопјанка, на која, по цели десет години и исчезнале болките во нозете.
– Можеби звучи неверојатно, но една верничка која слушнала за мироточењето на иконата во нашата црква, дојде, се помоли пред иконата, потоа ме праша дали имаме крстена вода. Јас и го покажав садот, си пушти од водата и ме праша: отец, водата е газирана!? Јас и одговорив дека само е светена вода и толку…Но, истата верничка, следниот ден повторно дојде во нашата црква, се заблагодари пред иконата и ме прегрна мене и одборниците. Рече: „Оче, верувале или не, болката во нозете која ја имам цела деценија и која ми го отежнуваше движењето, ми помина”. И еве оттогаш има повеќе од две недели, неколку пати доаѓа, ни раскажа отец Бобан.
Тој, веднаш потоа појаснува дека Бог, всушност, го дарува чудото за да не направи силни во верата.
– Чудото, за оној кој верува не е толку потребно. Чудата кои Бог на директен или индиректен начин секојдневно ни ги праќа, служат за нас кои веруваме уште повеќе да ја засилиме верата во него, тие се духовна радост. И за оние кои се скептични и се сомневаат, што за жал е дел од човековата природа која живее без Бога, ваквите чуда се доказ дека Бог навистина постои. Сами гледате какви коментари има на социјалните мрежи, вели нашиот домаќин.
Додека го правевме разговорот, голем број верници влегуваа и излегуваа од црквата. Не им пречеше што десетина жени генерално ја чистеа и внатрешноста на храмот и дворот.
– Традиционално, секоја среда пред Велигден доаѓаат вернички од селото и околината и пред големиот празник генерално чистат. Голема радост ни е веста дека за Ѓурѓовден ќе не посети и неговото блаженство, македонскиот архиепископ, г.г. Стефан, вели Ристо Сетинов, член на црковниот одбор. Со радост ни раскажа дека пресвета Богородица со мироточењето им донела голем број верници во црквата и тоа не само од околината на Скопје туку од цела Македонија, па дури и од соседна Србија.
На иконата се уште има траги од мирото, а ако се допре со челото, навистина има специфичен мирис.
– Чудо е, навистина. Кога тргнав кон иконата како да одев по латици, а кога застанав простум … не знам, чувството е преубаво, неописливо. Треба да сме среќни што Бог се уште не удостојува со чуда, во ова време на живот во грев. Сега се чувствувам дека имам енергија за да го прегрнам цел свет. Господ на помош да е на сите! – вели Катерина Грозданова, која заедно со нејзиниот сопруг ја сретнавме во црквата.
Мироточењето на иконата беше забележено на 10. овој месец на неделната литургија кога присутните забележале капки налик на вода на самата икона, а по извесно време целата икона била оросена. Свештеници и теолози на МПЦ, но и лично г.г. Стефан потврдија дека станува збор за „мироточење на иконата”, процес кој во црквата се нарекува чудо и кој често се случува во црквите
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.