Западот треба да покаже хуманост и да предложи поинаква помош на Турција, која никогаш нема да ги затвори вратите за сириските бегалци, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за време на посетата на Загреб, јави Хина.
– Турција никогаш не ги затворила, ниту ќе ги затвори вратите за луѓето, кои бегаат од бомби, истакна Ердоган на заедничката прес-конференција со хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ на почетокот на дводневната посета на Хрватска.
Тој нагласи дека Западот треба да одговори на различен начин и да ѝ предложи на Турција поинаква помош, при што не прецизираше на што мисли.
Владата во Анкара претходно соопшти дека укинувањето на визите за турските државјани е од суштинско значење за успехот на спогодбата ЕУ-Турција за стопирање на негелалната миграција во Европа.
– Има повеќе области во кои Хрватска може да и помогне на Турција во процесот на интеграција во Европската унија, претежно со укажување силна поддршка во Брисел за интеграција на Турција во ЕУ, за укинување на визите, што се надевам дека ќе се случи наскоро, рече Грабар.
Таа истакна дека се надева оти реципрочно ќе бидат укинати визите за хрватските државјани, кои ја посетуваат Турција.
Двајцата претседатели ја поддржаа интеграцијата на земјите од Југоисточна Европа во Европската унија и НАТО, особено на Босна и Херцеговина, каде според хрватската претседателка Турција досега имала мошне конструктивна улога.
Тие се согласија да ја зајакнат трилатералната соработка со БиХ, што ќе и помогне на земјата во нејзината „политичка еманципација” за развој на Дејтонскиот мировен договор и целосно активирање на Акциониот план за членство во НАТО.
Нивната соработка ќе биде фокусирана на проблемот поврзан со миграцијата и размената на информации во борбата против тероризмот и екстремизмот.
Поголемите турски инвестиции во Хрватска, извоз на хрватското говедско месо во Турција, заедничките енергетски проекти, гасни цевки, пристаништа и туризмот, беа споменати како области за поактивна економска соработка меѓу Турција и Хрватска, која Ердоган ја нарече „пријателска земја и сојузник”.
ЕУ, си ја продаде душата на ѓаволот!
“Со угостувањето на Ердоган замижуваме пред сите кршења на човековите права кои ги предизвикува неговата репресивна политика!” Ова е главната порака од мирниот протест во Загреб против турскиот претседател кој заедни со шестмина министри и бројни стопаственици беше во посета на Хрватска.
Организатори на протестот беа Иницијатива Добредојдовте! И Платформа за меѓународна граѓанска солидарност на Хрватска кои излегоа со транспарент: ЖЕУ, си ја продаде душата на ѓаволот!”
Протестот на малкумината активисти беше обезбедуван од полицијата.
Во апелот на активистите пишува дека со тоа што “Хрватска го прима овој диктатор под образложение за економски инвестиции, се игнорираат сите кршења на човековите права” што ги прави политиката на Ердоган, при што се изрази сомнеж за евентуалната економска корист на Хрватска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.