Вардар го очекува четврт-финалниот двобој со Веспрем во Лигата на шампиони. Имавте доволно време да се подготвите, кои се очекувањата и желбите на ракометарите и на стручниот штаб?
Карачиќ: Од последниот натпревар одигран во Лигата на шампионите и триумфот над Висла Плоцк поминаа повеќе од три недели. По тој успех и пласман во четврт-финалето трета година по ред, Вардар одигра и завршен турнир во СЕХА-лигата, па следуваше една недела предвидена за репрезентативните настапи и квалификациите за Олимписките игри во Рио. Нормално е во овој период, кога некои ракометари отсуствуваа од тимот поради репрезентативни настапи, да се испуштат конците, но екипата повторно е комплетирана, се вратија и повредените играчи, со исклучок на Филип Лазаров, и во периодот до првиот меч во Скопје работевме напорно со цел да го оствариме успехот за кој сите сонуваме, пласман на завршниот турнир во Келн.
Веспрем е екипа што е на самиот европски врв. За помалку од една година одигравте повеќе натпревари меѓусебно и добро се познавате. Колку е тоа добро или лошо за една екипа, која, буквално, знае сѐ за противникот?
Карачиќ: Јас мислам дека е предност што играме токму со Веспрем во четврт-финалето. Среќна околност е што одлично се познаваме со противникот и нема потреба нешто посебно да се подготвуваме за нив. Периодот за подготовки беше краток, но не треба да се прават некои посебни анализи. Буквално, знаеме како дишат, ги знаеме сите нивни тактики во одбраната, а посебно во нападот. И тие, секако, нѐ знаат нас и мислам дека овој дуел ќе го реши само мотивацијата или, можеби, една топка, еден удар или еден напад и одбрана. Секако, ќе уживаме и подготвени сме да го дадеме максимумот во сите 120 минути во двата меча во Скопје и во Веспрем. Најважно е што сите играчи се подготвени и знаат што ги чека на теренот, но се подготвени и свесни за успехот што би го направиле прво лично за себе, а потоа и за клубот и за целата ракометна јавност во Македонија. Одлично е враќањето на терените од повредата на Сергеј Горбок бидејќи тој знае да даде гол и кога не му оди на тимот, знае да реализира и од голема далечина и да го крене моралот на тимот. Тој е играчот што може да направи разлика, нешто што мислам дека не може никој друг играч. Тоа е голем плус во нашата игра пред дуелите со Унгарците.
Во анализата на четврт-финалето, може ли да се издвои некој момент или, пак, некаква различна стратегија од досегашната? Кој ќе биде клучот за успех?
Карачиќ: Видете, ракометот е игра што е многу комплексна. Повторно ќе кажам дека одлично се познаваме со противникот. И двете екипи играат одлична одбрана, која ги краси сите овие години. Ниту една екипа неможе да промени нешто драстично од тоа што го играла досега за олку краток период. Не верувам дека ниту тие ќе се обидат да измислат нешто ново. Овие натпревари ќе ги решат одбраните и мотивираноста на голманите. Во двете екипи има голмани што се во првите пет во Европа. Искрено верувам во нашиот Арпад (Штербик) и, секако, им верувам и на Џамбо (Милиќ) и на Диви (Ангелов) и знам и ним колку му значи играњето на завршниот турнир во Лигата на шампоните. Знам дека секогаш можат да бидат подобри и посакувам да одбранат топка повеќе и со тоа да стигнеме до историскиот успех. Сигурно дека нѐ очекуваат многу тешки натпревари под голем притисок. Свесни сме дека ќе има многу удари кон голот на противникот под фаули што, можеби, некогаш и нема да се досудат. Со Веспрем играме сличен ракомет. И двете екипи одлично покриваат и ротираат во одбраната и мислам дека токму голманите ќе бидат клучен фактор за успехот.
Досега важеше едно непишано правило дека домашниот терен во реваншот ја дава клучната разлика. Колку тоа може да биде хендикеп или предност за Вардар?
Карачиќ: Досега Вардар, покрај тоа што игра добро на домашен терен, сезонава ,па и минатата, покажа дека нема притисок и секогаш оди на резултат и на гости. Успеа да победи на страна и секако дека не игра никаква улога домашниот терен во реваншот. За мене е предност да се одигра првиот натпревар дома во „Јане Сандански“. Во СЕХА-лигата оваа година одигравме нерешено и во Скопје и во Веспрем. Загубивме минимално во финалето во Вараждин, но мислам дека тогаш Веспрем одигра на максимално ниво. За разлика од нив, ние направивме многу катастрофални грешки, особено во финишот од дуелот, кои сега треба да ги анулираме. Вардар може да даде 10-15 проценти повеќе за да го достигне максимумот. Мислам дека тоа ќе се случи токму на мечот во Скопје и ќе извојуваме победа, макар и со еден гол разлика, која ќе ни даде мотив пред реваншот за една недела. Морам да признаам дека ми е драго што првиот натпревар го играме пред домашната публика, која ќе ја наполни салата до последно место, како и досега, и ќе ни даде огромна поддршка за да издвојуваме победа. Секоја победа остварена во првиот меч дава огромна самодоверба бидејќи ќе се намали притисокот и ќе се префрли кај противникот. Тој ќе биде тимот што ќе треба да брка разлика, а тогаш може да се случат грешки, кои можеме да ги искористиме.
Би се рекло дека Вардар полека се издигнува кон врвот на Европа. Додека пред две-три години губевте од Веспрем со голема разлика, сега работите се сменија, дојдоа некои врвни играчи и дали сега е моментот кога македонското препознатливо име може да стигне до завршниот турнир?
Карачиќ: Во минатото се случуваше да загубиме од Веспрем и со седум-осум голови разлика. Оваа сезона не е така. Работите се сменија, како што кажавте, дојдоа одлични ракометари со победнички менталитет и сега Вардар тоа што го градеше во изминатите три-четири години време е да го наплати и да се пласира во Келн. Во моментов Вардар е во врвот на Европа, се наоѓа меѓу екипите што се најсериозни кандидати за пласман меѓу четирите најдобри. Дојдовме во ситуација другите тимови веќе да почнат да се плашат од Вардар, тоа што нам ни се случуваше во минатото. Едноставно, не само Веспрем, и другите клубови ги гледаме со такви очи, а и тие нас. Сѐ е во психологијата во главата на секој ракометар, во моментов со сигурност можам да кажам дека Вардар е подготвен за овие два натпревара.
Проектот на Вардар и на сопственикот Сергеј Самсоненко е во нагорна линија. Оваа сезона ли е таа кога ќе се направи конечниот исчекор?
Карачиќ: Вардар од година во година е сѐ посилен. Јас не би рекол дека сега е времето или дека нашиот тим е, конечно, зрел за чекор повеќе. Во екипата доаѓаат и си заминуваат играчи. Составот се засилува дополнително за следната сезона и уште сега се размислува за следните цели, но и си заминуваат играчи. Никој не може да каже дека тоа е тоа, Вардар е подготвен и мора да се пласира на завршниот турнир. Точно е дека Вардар сега, по две години, е поискусна екипа. Повторно ќе кажам, сѐ е во психологијата, во подготовката за меч против Веспрем. Годинава со сосема други очи гледаме на противниците.
По повредата на Европското првенство твојата форма сега е во нагорна линија. Видовме дека принудно одлично се снаоѓаш и како лев бек. Дали тоа е, можеби, џокерот на Раул Гонзалес, кој се покажа како врвен тренер?
Карачиќ: По повредата во Полска морав да паузирам 15 дена од тренинзи. Се вратив исцрпен и тренирав со намален интензитет. По неколкуте тешки натпревари и за клубот и за репрезентацијата сега се чувствувам одлично и покажав дека можам да се снајдам и на друга позиција во тимот кога се бара тоа од мене. Дали ќе одиграм и против Веспрем на лев бек останува за тоа да реши тренерот. Луѓето во Македонија знаат што можам да извлечам за тимот. Секогаш на прво место е резултатот на екипата. Без разлика на напорниот период и играњето на повеќе натпревари знам дека ќе дадам 200 проценти од себе за да стигнеме до посакуваниот успех.
За Раул можам да кажам сѐ најдобро. Одличен тренер, врвен стручњак. Секогаш има да каже нешто ново, да постави на тренинг. Одлично е чувството да се работи со него и со неговиот помошник, Дејвис. Тоа се луѓе што во кариерата одиграле многу големи мечеви, играле со екстра-класа европски ракометари. Го пренесуваат на теренот сето свое искуство и се, можеби, главната алка во тимот. Во последно време се покажаа дека можат да бидат и темпераментни, да се подрски, што тоа нам, на ракометарите на теренот ни одговора, ни влева дополнителна сила.
Очекувано е по добрите игри во Вардар да се најдеш и во репрезентацијата на Хрватска. Во националниот состав имавте неколку измени, пред сѐ, од тренерот, но направивте одлични резултати за кратко време.
Карачиќ: Играњето во репрезентацијата е нешто што го посакува секој спортист. Со новиот селектор Жељко Бабиќ многу работи се сменија во Хрватската репрезентација. Успесите што ги постигнавме за многу кратко време, третото место на Европското првенство и пласманот на Олимписките игри во Рио се резултат што никој не го очекуваше за овој краток период. Селекторот Бабиќ има свој стил на работа и не отстапува од тоа. Ако на почетокот хрватската јавност беше скептик за неговиот избор, сега веќе не е така и „симнуваат глава“ пред успесите што ги направи. Состави репрезентација што, пред сѐ, е спој на младост и на искуство и тоа покажува дека има резултат. Најважно е што во составот меѓу ракометарите има другарство. Не се гледа со завист кон соиграчот и тоа е основа за добри резултати и понатаму.
Разговараше: Бојан Момировски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Игор Карачиќ е објавено во 190. број на неделникот Република, 22.04.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Канелјас за шпанска „Марка“: Вардар ни должи пари
-
ЕХФ го објави новото рангирање: Вардар веќе не е прв фаворит во ЛШ
-
Првото место за вардарецот Карачиќ: Најатрактивните пет погодоци од групите А и Б на ЕП во Хрватска (видео)
-
Вардар осум кола без пораз во Лигата на Шампионите: Рајн Некар падна во „Јане Сандански“