Пред да го направиме ова интервју, заедно го проследивме обраќањето на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во кое тој го услови учеството на лидерската средба во Виена со европските претставници на покана на еврокомесарот Јоханес Хан.
Пандов: Од почетокот на политичката криза лани во јануари, до денеска, гледаме како еден човек може да се однесува антидржавно и антимакедонски. Гледаме како човек од свои лични побуди, нереализирани желби и фрустрации може да ѝ направи штета на сопствената држава. Најеклатантен пример за тоа е Зоран Заев. Една и пол година прави сè за да ја урниса Р. Македонија, да ги урниса институциите на системот, да се оцрнат луѓето што живеат во Македонија, без оглед на тоа дали се на функција или, воопшто, Македонецот како народ. Човек што прави сè само и само во личен и до некаде партиски интерес.
Кога меѓународната заедница повикува на дијалог за преку разговор да се реши оваа политичка криза, а тој го одбива тоа и и натаму инсистира дека најдобар начин за решавање на кризата е улицата, тогаш не верувам дека каде било во светот таков човек би го сметале за демократ или за нормален човек. Тоа е човек што ѝ посакува лошо на Македонија и прави сè од позицијата што ја зазема како лидер на опозиција да ја постигне таа своја цел.
Хан ги повика лидерите од Македонија со очекување тие да бидат достапни, ќе се појави ли Заев во Виена?
Пандов: Не очекувам, човекот си ја тера својата агенда, а таа е таа деструктивната, за уривање, за кршење, палење на Скопје и на цела Македонија. За него не е решение разговор и дијалог, туку деструкција. Претпоставувам дека крајна цел му е граѓански, меѓумакедонски судир, да дојдеме во состојба брат на брат да дигне рака. Тоа би го направило Заев пресреќен. Ја поздравувам идејата на Хан да се сретнат во Виена и да се потврдат нештата што биле договорени, како возрасни мажи и како совесни луѓе, како што очекуваме дека секој од нив во тие договори го правел тоа што мислел дека е најдобро за Македонија, без разлика од политичката позиција од која тргнува. Сега на целата македонска јавност ѝ е јасно дека Заев не ѝ сака добро на Македонија.
Се плаши ли сега Заев како би го образложил своето повикување, па и дејствување во насока на украинско сценарио?
Пандов: Јас очекувам дека оваа негова „екскурзија“ што ја прави, а за која ќе плаќа македонскиот народ, да биде најостро осудена од меѓународната заедница. Очекувам во буквална смисла да го „повлечат за уво“, нашите очекувања како граѓани на Република Македонија се дека меѓународната заедница, како гаранција, ќе направи сè за спроведување на Договорот од Пржино, а како крајна цел да биде одење на избори, еднаш веќе закажани за 24 април, сега на 5 јуни. Не можам ништо друго да очекувам.
Претпоставувам дека целиот притисок сега ќе падне врз СДСМ, како потписник на Договорот. Гаранција на тој договор се еврокомесарот Хан, но и амбасадорите Бејли и Орав, кои како потписници гарантираат дека тоа ќе биде спроведено. Не треба да потсетуваме дека сите точки од тој договор се исполнети – СЈО, министри во влада, ДИК, повлекување на премиерот, проверката на Избирачкиот список. Сите услови за избори се исполнети за да можеме да излеземе на избори. Јасно е дека Заев е уплашен, дека му е страв и дека се држи за сламка, а тоа е „правење будала и глув“ на сите повици и на меѓународната јавност и на македонската јавност.
Токму по најавите за украинско сценарио и деструкцијата на СДСМ и на организациите што им се блиски низ Скопје, повторно се активиравте со ГДОМ. Ја поминавте Македонија, што очекува народот, дали ја разбира сериозноста на моментот во која се наоѓа државата?
Пандов: За цела несреќа, иако Македонија е 25 години независна, ретко која држава може да се пофали дека имала толку бурна политика. Ако на тоа додадеме дека во Македонија има повеќе од 50 телевизии, стотици интернет-портали и не знам колку точно весници и радија, Македонците, сакале или не, премногу добро се информирани за политичката состојба, дополнително што секојдневно ги гледаат сите немили сцени во кои се пали и уништува македонското добро.
На нашите собири, на ГДОМ, бидејќи ние не протестираме, ние се собираме, испраќаме јасна порака и до македонската јавност и до меѓународната јавност дека македонскиот народ знае што се случува во моментов и дека бараме строго придржување до договорените датуми од Пржино, а главната порака е да се излезе на избори на 5 јуни, како начин да се завршат сите овие политички несогласувања и расправии меѓу опозицијата и позицијата.
Вам улицата не ви е непозната, па и кариерата ја почнавте на улица, на протести. Секој чин при протести има своја порака. Која е пораката со нападите врз народната канцеларија на претседателот, потоа Порта Македонија и фонтаната Воинот на коњ. Случајно ли се избрани токму овие?
Пандов: Воопшто не се случајни. Кризата почна со завршување на изборите на 27 април 2014 година кога Заев во 19 часот посочи дека им забранува на новоизбраните пратеници од СДСМ да учествуваат во работата на парламентот. Парламентот не е каква било институција, тоа е храмот на демократијата, тоа е срцето на македонската држава. Со невлегувањето во парламентот тие не ја почитуваат институцијата Собрание. Не го почитуваат ни изборот на претседател на државата, потоа не признаваат МВР, Влада, не признаваат Уставен суд, не им чинат МРТ, судството, Обвинителството… Ништо не им чини на Заев и на таа негова мала група луѓе околу него, која дополнително, заради својата немоќ и безидејност, откако е дојден Заев на чело на СДСМ, е седната во скутот на Сорос. А тоа е, да повторам, збир на платени, пред сè, медиумски експонирани луѓе, новинари или таканаречени интелектуалци, кои за дебели пари спроведуваат нечии туѓи интереси, туѓи сценарија, сечии интереси и сценарија – само не македонски. Сега, пак, да се вратам на почеток, Заев не е главниот играч во таа опозиција. Главни играчи се Сорос и неговата мрежа таканаречени невладини организации.
Сите тие организации што протестираат сега сигурен сум дека ги финансира Сорос, или УСАИД, а некои од нив и странски амбасади. Невидена работа, ама тоа е така. Ако на почеток на кризата почнаа со непочитување на институциите, сега тие направија чекор понатаму, на, буквално, физички напади, со камења, бетонски плочки, со летви и со факли, со што сè не ги кршат институциите, со бои… Тоа е организирано, така да излезат на улица, вооружен со камења, со молотови коктели… Позната активистка актерка повикува да бидат напаѓани со Молотови коктели. Дали е таа свесна што прави, дали тие луѓе се свесни што предизвикуваат?
Тие сега тргнаа физички да ги уништуваат обележјата на Македонецот. Не знам како да го изразам својот револт, особено од пред неколку дена кога го гледав тоа сквернавење на споменикот на Александар Македонски. Нормални ли се тие луѓе, свесни ли се дека тој споменик за најголемиот број Македонци сега е свет. Дали тоа некому му се допаѓало или не тоа си е нивна работа.
Втора работа за забележување е дека при одењето по улиците, почнале да застануваат пред нечии домови, со викање и со скандирање со погрдни зборови. Тоа е многу лоша порака што ја испраќаат. Од друга страна, треба да им е јано дека на ГДОМ, воопшто, на сите граѓани на Република Македонија , целата оваа ситуација им е дојдена преку глава и дека ако тоа е демократски израз на отпор, не гледам зошто и ние од ГДОМ или кој било граѓанин, да не ги примени истите начини на негодување кон СДСМ, кон пишувањата на Героски, Орданоски, ставовите на Фрчкоски или на Најческа или на Пендаровски, кои нè опишуваат со најпогрдни зборови – стока, неписмени, трупови, неискапени, овци, што сè не зборуваат за нас – да отидеме пред нивните домови, па да излезат пред граѓаните и, исто така, да ни се обратат и да ни го кажат истото. Ако се продолжува со таа практика, а Оливер Спасовски не презема никакви мерки – не гледам дека некој има кривична пријава сега за сквернавењето на портата и на фонтаната – нема да ме чуди да има таква реакција од наша страна.
Многумина оваа состојба ги потсетува на состојба од 2012 година кога СДСМ и опозицијата направија обид за упад во парламентот, кога за првпат имаше две групи поддржувачи на две политички опции и полициска тампон-зона пред Собранието. Оттогаш до сега се чини отапуваат чувствата за тоа што е, а што не е прифатливо однесување при протести. Перцепцијата на горењето слики, палењето на канцеларијата, фрлањето столови, изнесувањето лаптопи како да е најнормален начин на изразување протест и политички барања. Што значи ова за нацијата, за државата, што ќе се пренесе како модел на однесување?
Пандов: Прво опозицијата треба да расчисти и тоа е почетното, па и крајното што на опозицијата не ѝ е јасно, а тоа е дека на избори и само на избори на кои ќе излезат граѓаните може човек да дојде на власт. Сите други начини, тие што им ги раскажувал Заев како на мали деца дека со помош на уцени, на бомби, со помош на закани, ќе успее да направи неговата партија да дојде на власт, се крајно лош пример не само сега, туку и за во иднина. Ако јас знам дека со помош на нешто, што никаде во светот не е дозволено, со прислушувани приватни разговори, можам да уценувам државни функционери, бизнисмени, интелектуалци, новинари и со тоа да поминам неказнето и од тоа да нема никаква правна поука за другите – преку казната што би била изречена за тие луѓе – а тоа во овој случај се Заев и Зоран Верушевски, се испраќа многу лоша порака. Секој човек многу легитимно и нормално ќе размислува како да дојде до уред со кој ќе може да влезе во приватниот живот на некој функционер или некој од јавниот живот.
Од кого било во светот, вклучувајќи ја и Македонија, да имате приватни разговори од четири години, како што кажува Заев дека има, а притоа неказнето да ги објавувате приватните разговори од тој човек, а тоа и натаму да биде несанкционирано, тоа е невиден преседан. Ние сега имаме таканаречено Специјално јавно обвинителство, кое се покажа дека е и политичко и партиско обвинителство на СДСМ, кое место да се грижи за тоа кој го сторил тоа во Македонија и ја предизвикал оваа криза, работи нешто сосема друго. Односно, прави обид за обвинение за кого било ако процени дека е поистакнат во владејачката партија, и на тој начин го оцрнува, го дискредитира човекот, верува дека ќе го ослабне рејтингот на партијата. Тоа и натаму се толерира, тоа и натаму се движи во тој правец и претпоставувам од таму Заев ја црпи силата. А прави сè само што повеќе да ја клекне Македонија на колена.
Гледаме дека дејствува со најцрни организации, не само со Сорос, туку и со „Канвас“, за што има докази. Тоа се гледа преку насилството, начините на дејствување, обидот за правење конфликт со полицијата, се обидува да направи судир, би го направило најсреќен Македонецот да се тепа со Македонец. Сега се засилил со УЧК. Внимавајте какава ненормална ситуација, „Канвас“ е српска организација. Колку што знам, Србите со Албанците не се „мирисаат“нешто особено, УЧК произлезе од Косово, ама кога се работи за пари, бидејќи сега „Канвас“ е дебело платен, нема проблем. Па очекуваме в петок повторно да дојдат и УЧК и „Канвас“ за да ги урнисуваат и демолираат спомениците на историјата, кои се белег на оваа држава, а секој Македонец се гордее со нив.
Очекувате ли решение на кризата, како, но и кога?
Пандов: Конечното решение е многу едноставно. Меѓународната заедница ако ѝ посакува добро на Македонија, претпоставувам дека веќе има психолошки профил за Зоран Заев и е свесна дека се работи за непресметлива личност. Човек со лабилен карактер, кој во еден ден трипати знае да смени изјава. Меѓународната заедница колку и да имала желба да помогне за подигнување на неговиот личен рејтинг и на рејтингот партијата, не успеала во тоа.
Ако македонските граѓани се свесни, ако меѓународната заедница е свесна, тогаш треба масовно да се излезе на избори на петти јуни, очекувам тие да бидат верификувани како веродостојни, а тоа дека ќе бидат фер и демократски, нема збор, Македонецот не сака конфликт, да се дозволат тие избори, да поминат тие избори. По изборите на петти јуни, треба да направат сѐ за да помогнат за смена во СДСМ, со демократски сили и со нормални луѓе во СДСМ, сепак е тоа голема партија, со нормално раководство, со кое ќе може да се седне да се договара.
Додека е Зоран Заев на чело на партијата, кој е изваден од памет, пред сѐ, заради сопствената кожа, кому му е јасно дека по изборите, кои неминовно ќе ги загуби, му следува смена во партијата, а притоа не е сигурен затоа што има еден куп кривични пријави против него и покрај аболицијата од претседателот Иванов, а тој не е застанат и ќе продуцира и натаму нови кривични дела плашејќи се за својата безбедност, ќе направи сè за што подолг период остане на чело на СДСМ.
За жал, Македонецот мора да сфати, посебно во СДСМ, и да се надмине самиот себе. Во рацете на СДСМ е клучот на решението на проблемот, не е кај никој друг. Сè друго е вербална гимнастика. Ако меѓународната заедница ѝ посакува добро на Македонија, под број еден треба да направи сè за да го натера Заев да излезе на избори, ама ако веќе не излегува на избори треба јасно да му биде кажано „ние ќе ги верификуваме овие избори на петти јуни“.
*Интервјуто е објавено во неделникот Република бр.190 од 22 април 2016
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)