| четврток, 6 декември 2018 |

Совет на Европа: Да се спроведе договорот од Пржино и да се покаже одговорност кон изборите

Сите политички сили од Македонија да покажат одговорност кон изборите и да го спроведат договорот од Пржино, се наведува во соопштение Делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), која во изминатите два дена во Скопје правеше проценка за предизборната атмосфера за предвремените парламентарни избори закажани за 5 јуни.

sovet-na-evropa_2016125162355

Делегацијата ги повикува сите страни целосно да го спроведат договорот од Пржино, кој, како што оценува, нуди пат за да ја извлече земјата од кризата и системски решенија на долгорочен план. Повикува да се постигне политички договор за да се обезбеди непречено изборната кампања, за да се покаже одговорност и отчетност во намалување на тензиите во општеството, во интерес на граѓаните, а за доброто на стабилноста на земјата.

Делегацијата на ПССЕ соопштува дека бојкотот на изборите не е конструктивен пристап за добро владеење и е во спротивност со правилата на демократијата. Делегацијата посочува дека сите политички партии, првично, споделувале исто мислење дека предвремени избори ќе бидат единствениот начин за решавање на тековната политичка криза и додава дека жали за одлуката на СДСМ за бојкот на изборите и оти изразува загриженост поради позицијата на албанските партии ДУИ и ДПА кои размислуваат за бојкот на изборите.

Делегацијата, предводена од Стефан Шенах (Австрија, СП) во соопштението потсетува и дека предвремените избори беа свикани во рамки на спроведувањето на Договорот од Пржино за кој посредуваше ЕУ со цел да се стави крај на политичката криза што уследи по претседателските и на почетокот на парламентарните избори во април 2014, откако главната опозициска партија ги оспори резултатите и го бојкотираше Парламентот до септември лани.

– Предизборната кампања е обележена со долготрајните спорни прашања, како што се точноста на Избирачкиот список и медиумските реформи. Климата значително е влошена по одлуката на претседателот да помилува 56 лица, меѓу кои и лица гонети од страна на специјалниот обвинител определен со Договорот Пржино да ги испита овие обвинувања – вклучувајќи ги и изборните измами – содржани во бесправно снимените разговори објавени од опозицијата. Оваа одлука предизвика големи улични протести, зголемена поларизација во општеството и сериозно ја поткопува работата на специјалниот обвинител, соопштува Делегацијата на ПССЕ и бара од македонските власти да се најде начин за отповикување на помилувањето од претседателот, колку што е можно поскоро.

Предизборната делегација на ПССЕ беше во Скопје на покана на претседателот на Собранието на Република Македонија. Делегацијата во која покрај Шенах се наоѓаат уште шест други негови членови: Франк Ј.Јенсен од Норвешка (Народни парти), Еерик-Ниелс Крос (Естонија- Либерали), Том Пакален (Финска), Андреј Хунко (Германија, Обединета левица). Лис Кристоферсен (Ноорвешка, социјјаситичка група) и Валериу Гилетчи (Молдава, Народни партии), имаа средби со претседатеот на Собранието и министерот за внатрешни работи на Република Македонија, како и средби со претставниците на политичките партии кои учествуваат во изборите, претседателот и членовите на ДИК, Јавниот обвинител, како и со членовите на дипломасткиот кор и претставниците на меѓународните организации, граѓанското општество и медиумите.

За изборите за јуни ПССЕ ќе испрати 22-члена делегација за набљудување на гласањето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top