| четврток, 6 декември 2018 |

Црното сценарио се прикрива со шарени лаги

 

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

 

Нема сомневање дека Македонија ќе излезе драстично променета од кризата. Прашањето е дали народот ќе успее да си ја зачува државата во постојните граници, со сегашното име, устав и систем, или ќе ја предаде во рацете на квислинзите, кои по преземањето на власта ќе почнат да ја парчосуваат и да ја раздаваат секому според заслуженото при нејзиното разнебитување.

Сето тоа што ќе ни се случува во иднина, ќе оди на плеќите не само на оние што свесно работат на исполнување на црното сценарио, туку и на оние што не успеале да го спречат. Впрочем, историјата никој нема да поштеди од критика и од осуда, му се допаѓало тоа некому или не. Во првата група предничат „бескичмениот“ Зоран Заев со својот чадор, со своите слепи партиски послушници, платениците на Сорос, со странски организации и активисти како Канвас, но и со други тукашни невладини здруженија и здруженија кои под плаштот на „хуманоста“ и на социјалната еднаквост подолго време ја подриваат државата.

Очајните опозиционери и Соросовите платеници се бојадисаа во „шарени“ револуционери за да бидат барем накратко прифатени од граѓаните. Но, нивната задна намера е силно препознатлива дури и преку поликолорот. Со секој следен ископиран потег од украинското сценарио, со секое искршено стакло, со секој осквернавен споменик, со секое подарено цвеќе и завртено огледало, станува сѐ појасно дека кризата е скапо платена игранка која е долго подготвувана. Во исто време, покажува дека нема никаква врска ниту со спонтан излив на граѓаните ниту со некаква искрена граѓанска цел. Зад неа стојат истите тие што ги ангажираа Верушевски и Заев, истите тие што со години наназад се обидуваат на силеџиски начин да го сменат името, да го избришат генетскиот код на Македонците и да ја растурат државата.

Токму затоа сите овие антидржавни структури обединети во „Визијата за Македонија“ на Заев не бираат начини и средства насилно да ја урнат власта, а за таа цел подготвени се да прегазат сѐ што ќе им се најде на пат, вклучувајќи ја и народната волја. Сепак, нивната таканаречена „шарена револуција“ има две фабрички мани – недостиг на јасна идеја која ќе ја води револуцијата и немањето лидер кој би ја предводел. Токму затоа демонстрантите дефилираат по улиците со увезени пароли, применуваат шаблонизирани тактики на дејствување и користат веќе видени сценарија на употреба на сила.

Тоа што многу ги боли во СДСМ, особено нивниот лидер, е фактот дека дури и „револуционерите“ (оној дел од толпата што не е испратен на улица од штабот на „Павел Шатев“) не само што не го прифаќаат Заев како нивен лидер, туку дури и го исвиркуваат за време на протестите. Во еден таков инцидент минатата недела влакно фалеше да дојде до физичка пресметка меѓу активистите на Левица и партиските војници на СДСМ. Заев е свесен за својата непопуларност, па затоа и се обидува со сите сили да го прикрие незадоволството од него кај демонстрантите, а непослушните што е можно побрзо да ги изолира и да ги дисциплинира или со непристојни понуди или со закани. Токму ваквото лицемерство на раководството на СДСМ на чело со Заев ги вади на површина сите шарени лаги на револуцијата, која, наводно, се борела за „правда за сите“. Уште повеќе, истите тие шарени револуционери јасно покажуваат дека нивната цел не е стабилизација на земјата, туку да ја одведат земјата во уште поголема криза која би кулминирала со судир меѓу Македонците.

Кога би било поинаку, кога тие навистина би се бореле за „правда за сите“, а не за интересите на Заев и чадорчињата, прво би ја бојадисале зградата на СЈО и секојдневно ќе бараат одговор од Катица Јанева каде се уште 500.000 прислушувани разговори? Зошто од толку љубители на правдата ниту еден јавно не се побуни против поседувањето приватни и компромитирачки материјали за сите граѓани во државата? Заев тврдеше дека се прислушувани 20.000 граѓани. Сигурно и дел од тие се меѓу нив. Зар не сакаат да ја истераат својата правда до крај? Дали некои од нив се спротивставиле на уценувањето и на тргувањето со нелегалните материјали? Дали нивната правда воопшто подразбира заштита на приватноста? Наместо да бараат одговори кои можеби лично ги засегаат, тие си доделуваат право да судат и да пресудуваат на улица. Протестираат против притисоци во судот, но никој не крева глас против мешетарењето на странските амбасадори по судовите и за вршењето притисок врз судиите и обвинителите. Од каде се сигурни дека интересите на странците се во нивна корист?

Но токму ваквиот лицемерен однос на СДСМ и очајната желба на Заев да се спаси од одговорност целосно го избледува шаренилото на револуцијата и на површина ги вади вистинските причини за дестабилизацијата – целосно уништување на најмоќната партија во државата која е заштитник на македонскиот народ и идентитет, принудна промена на името и федерализација на државата. На тест се институциите и народот кои во моментот имаат историска задача да го спречат ова црно сценарио.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top