| четврток, 6 декември 2018 |

Граѓаните безбедни, банките загрозени: Системот за плаќање СВИФТ жртва на хакерски напади

swift

Глобалната финансиска мрежа СВИФТ (SWIFT), преку којашто банките секојдневно ги извршуваат платните трансакции, ги предупреди клиентите дека е свесна за серијата компјутерски инциденти кои се случиле во последниот период, во кои хакери преку нејзиниот систем испраќале неовластени пораки.

Ова предупредување СВИФТ им го упати на клиентите откако властите во Бангладеш и во други земји спроведоа истраги во врска со кражба на 81 милиони долари од сметката на Централната банка на Бангладеш во огранокот на Американската централна банка. Кражбата ја извршиле хакери така што направиле измени во софтверот на компјутерите на Централната банка на Бангладеш за да се прикријат доказите за неовластените трансфери на парите.

Соопштението на СВИФТ е првата официјална потврда дека нападите врз Централната банка на Бангладеш не се изолиран случај, туку развиена криминална шема која има цел да ја искористи предноста на глобалната платформа за размена на пораки што ја користат околу 11.000 финансиски институции.

Во СВИФТ се свесни за низата компјутерски инциденти во кои напаѓачи внатре или надвор од системот успеале да упатат пораки од канцеларии на финансиски институции, од нивните компјутери или терминали приклучени со нивните локални спојувања на мрежата на СВИФТ, се наведува во предупредувањето до клиентите од понеделникот, во кое увид имала агенцијата Ројтерс.  Во предупредувањето, испратено како доверлива порака, не се именувани жртвите, ниту е наведена вредноста на загубите од претходните необјавени напади.

Засега не е познато како се креирани неовластените налози и протуркани низ системот. Напаѓачите добиле владини потврди за операторите кои се овластени за креирање и одобрување на пораките на СВИФТ, за потоа да испраќаат неовластени пораки лажно преставувајќи се како тие лица.

Експертите за кибер-напади велат дека би можело да се случат нови напади, а банкарските клиенти на СВИФТ ќе проверуваат дали нивниот пристап до СВИФТ е загрозен.

– Хакерските напади се насочени кон финансиските институции, затоа што со помал напор се реализираат поголеми кражби. Тоа е далеку поефикасно отколку да се краде од клиенти, стои во соопштението.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top