| четврток, 6 декември 2018 |

Се нудат на продажба: Банките им ги лапнаа хациендите и фирмите на познати македонски политичари и бизнисмени

 

Од цели фабрики, неотпакувана опрема за производни погони, одморалишта, имот на фирми кои отишле под стечај, новоизградени станбени згради, ладилници, оранжерии, луксузни куќи на атрактивни локации во Скопје, до ниви, ливади, скромни станчиња, половни автомобили и кревети. Се ова е спакувано во понудата за продажба на запленет имот што ја имаат македонските банки.

Некогаш сопственост на фирми или граѓани, од кои некои на македонската јавност и се добро познати, сево ова и уште многу, многу друго се нуди на продажба со јавно наддавање по цени од неколку стотини, до неколку десетици милиони евра, пишува Вечер.

Во објавите на банките за продажба на хипотекарен и стечаен имот е и печатница на А1 телевизија која пред десетина години отиде во стечај. Цената по која се продава не е одредена. Во Тетово се продава стан од над 100 квадрати, кој го поседувал познат политичар. Во скопски Чаир на продажба е понуден стан од 122 квадрати на друг политичар. Цените на овие два стана не се утврдени.

Во Куманово се продава имот на познатата фирма СОБИМ, која порано ги произведуваше најпродаваните велосипеди во Македонија. Банката што го продава тој имот проценила дека вреди најмалку 1,5 милиони евра, но како што може да се види од списокот, на барабан се и становите и куќите на сопствениците на оваа пропадната компанија.

Во Битола на продажба е рафинерија за масло. Се продава и градежната фирма и повеќе градежни парцели, кои ги поседувал, па ги изгубил под хипотека познат скопски бизнисмен. Кој е заинтересиран, може да купи и цели фабрики за вода, за текстил, а и два хотела во скопската населба Припор, едниот од 591, а другиот од 737 квадратни метри.

Кој сака да отвори гинеколошка болница, со потребната опрема, како што се ултразвук, родилни боксови, до кревети може да се снабди на јавно наддавање во Битола. На истиот начин може да се опреми и цела фабрика за чевли.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top