Банките во првиот квартал од годинава забележале помала активност за 1,6 отсто под влијание на вообичаени сезонски фактори, забавената економска активност, како и поради ризиците од домашните политички случувања кои беа присутни.
Ова го констатира Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница на која беше разгледан и усвоен Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во првиот квартал од 2017 годинa.
Во тој период, како што соопштуваат од НБРМ, депозитниот потенцијал на банките се намалил пред сѐ под влијание на намалувањето на корпоративните депозити.
– Депозитите од домаќинства пораснаа за мали 0,2 отсто. Кредитната активност на банките во првиот квартал од 2017 година се намали, при пад на кредитната поддршка на корпоративниот сектор и раст на кредитирањето на домаќинствата. Сепак, во услови на задржување на оцените за стабилност на темелите на домашната економија, очекувањата на економските субјекти и натаму видливо и постојано се стабилизираа, што овозможи во јануари и февруари 2017 година Народната банка да продолжи со нормализација на монетарната политика- стои во соопштението.
Основната каматна стапка се намали вкупно за 0,50 процентни поени и се сведе на 3,25 отсто, коешто е нивото пред ескалацијата на политичката состојба и шпекулациите на девизниот и депозитниот пазар од почетокот на вториот квартал на 2016 година. Промените во висината на основната каматна стапка беа проследени и со измени во висината на понудениот износ на благајничките записи.
На крајот од првиот квартал од 2017 година, учеството на нефункционалните во вкупните кредити забележа благо надолно поместување и се спушти на ниво од 6,4 отсто, наспроти 6,6 отсто на 31 декември 2016 година. Учеството на нефункционалните во вкупните кредити на домаќинствата е стабилно, и се движи околу 2,5 отсто.
– Високата покриеност на нефункционалните кредити со сопствената исправка на вредност од 77,7 отсто, при задоволителен обем и квалитет на сопствените средства на банките, ги ограничува последиците од евентуална целосна ненаплатливост на овие кредити врз солвентните позиции на банките, посочуваат од НБРМ.
Во првите три месеци од 2017 година, ликвидните средства на банките бележат умерено намалување, што, во еден дел, е последица на факторите од сезонско влијание, но во еден дел произлезе и од натамошното влијание на неизвесноста од домашната политичка состојба во овој период врз изворите на финансирање, особено врз депозитите на нефинансиските субјекти. Најголемо намалување бележат краткорочните девизни средства во странски банки, а во нешто помал обем се намалуваат и пласманите на банките во државни записи. И покрај овие движења, показателите за ликвидноста останаа на стабилно и задоволително ниво. Ликвидните средства учествуваат со над 30 проценти во активата на банкарскиот систем и истовремено покриваат околу 53 отсто од вкупните краткорочни обврски и околу 58 отсто од вкупните депозити од домаќинства.
Показателите за профитабилноста и ефикасноста на банкарскиот систем, генерално бележат натамошни подобрувања и се на солидно ниво. Добивката на банкарскиот систем бележи стапка на раст од 9,1 отсто во споредба со истиот период од 2016 година. Банките и натаму испорачуваат високи стапки на поврат на просечниот капитал и на просечната актива, од 13,8 отсто и 1,5 отсто, соодветно, што е особено значајно во процесот на интерно создавање капитал, во услови на речиси отсуство на докапитализации по пат на емисии на акции.
Показателите за солвентноста и капитализираноста на банкарскиот систем бележат извесно зголемување во првиот квартал од 2017 година, што произлегува најмногу од намалувањето на активата пондерирана според ризиците на банките, и тоа пред сѐ според валутниот ризик.
Резултатите од стрес-тестирањето спроведено на 31 март 2017 година се подобри во споредба со крајот на 2016 година и укажуваат на задоволителна отпорност на банките на симулираните шокови.
Изложеноста на банкарскиот систем на останатите ризици, сметаат од НБРМ, има мало значење. Значителната застапеност на кредитите со валутна компонента на домаќинствата и нефинансиските друштва го нагласува значењето на валутниот ризик за нивната стабилност и следствено, за стабилноста на банките, за што суштински предуслов претставува политиката на стабилен девизен курс на денарот во однос со еврото, којашто ја сведува веројатноста за остварување на валутниот ризик на релативно ниско ниво.
На денешната седница Советот на Народната банка ја донесе и Одлуката за изменување на Одлуката за задолжителната резерва, со која се овозможува средствата на банките коишто се издвоени во неодамна формираниот Резервен гарантен фонд на Клириншки интербанкарски системи АД Скопје (КИБС) да се вклучат во исполнувањето на задолжителната резерва на банките во денари. Со оваа измена се постигнува неутрален ликвидносен ефект врз банкарскиот систем од издвоените средства во резервниот гарантен фонд, којшто се формираше заради оптимално управување со ликвидносните ризици во работењето на платниот систем КИБС.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Основната каматна стапка 2,75 проценти, НБРМ ја намали за 0,25 проценти
-
Ангеловска Бежоска: Ќе продолжиме со градење на силен институционален капацитет на Централната банка
-
Хакери украле 15 милиони долари од повеќе банки во Мексико
-
Се нудат на продажба: Банките им ги лапнаа хациендите и фирмите на познати македонски политичари и бизнисмени