| четврток, 6 декември 2018 |

МОБ: Апелираме до уметниците да не дозволат да бидат злоупотребени во дневно-политички теми!

Раководството на Македонската опера и балет чувствува одговорност да се произнесе во врска со денешниот протест на Синдикатот на вработените во култура.
Почитувајќи ги правата на вработените на НУ МОБ и нивната засегнатост во врска со Законот за култура, би сакале да потенцираме дека дирекцијата е добро упатена во сите законски и подзаконски сегменти кои се однесуваат на подобрување на статусот на вработените уметници, преку овозможување на конструктивен пристап во соработка со надлежните институции, синдикатот, како и сите другите уметници и вработени во куќата.
Дирекцијата на МОБ одговорно и систематски пристапува кон лоцирање на евентуални недостатоци кои би биле пречка за реализација на дејноста и редовните работни обврски на уметниците и за истите пронаоѓа брзи и соодветни решенија. Неспорно е дека синдикатот треба да биде заштитник на честа и статусот на уметниците, но истовремено треба да ги штити уметниците од злоупотреби во дневно-политички теми.
Имено, сметаме дека ваквиот протест, токму во дадените социјално-политички услови, е сосема неоправдан и неконстуктивен, особено поради фактот што Законот за култура е донесен пред повеќе од една година, а токму сега се јавуваат првите реакции.
Апелираме до уметниците да не дозволат да бидат злоупотребени во дневно-политички теми бидејќи врз нив не се врши никаква тортура. Напротив, постојано сме меѓу нив за да ги водиме низ поголеми уметнички предизвици и заедно да постигнеми поголеми уметнички резултати. Во тој смисол, раководството на МОБ и понатаму ќе биде конструктивен партнер во сите сегменти кои го третираат статусот на уметниците.
Воедно, би сакале да изразиме и благодарност од сите надлежни институции, а особено Министерството за култура кое овозможи преку 220 вработувања во МОБ, ги зголеми платите за 80% во маса, константно инвестира во инфраструктурата на објектот и кое не следи во секој чекор овозможувајќи и на оваа институција да создава проекти и продукции токму онакви како што заслужуваат уметниците и оние кои уживаат во плодовите на нашата работа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top