| четврток, 6 декември 2018 |

Кинотека на Македониjа одбележува 40 години постоење

Свеченото одбележување на јубилејот „40 години Кинотека на Македонија“ ќе се одржи во просториите на Кинотеката, на 27-ми април (среда), со почеток во 12.00 часот…

На 29-ти април 1974 година е објавен Законот за формирање на Кинотеката на Македонија, токму затоа секоја година, април е месец на Кинотеката или најточно речено празник кога уште еднаш, достојно се прославува филмската уметност, националното аудиовизуелно наследство и луѓето заслужни за неговото создавање и чување.

– Имајќи предвид дека една од основните дејности на Кинотеката е чувањето на аудиовизуелното наследство, а секако и паметењето на низата исклучителни македонски режисери, сценаристи, директори на фотографија, монтажери, тонци и актери, секоја година, традиционално ја доделуваме наградата „Златен објектив“ – Награда за исклучителен придонес во македонската кинематографија, информираат од Кинотека.

Оваа јубилејна 40-та година ќе биде одбележена со свечена академија по повод 40-годишнината од постоењето на Кинотека на Макдеонија и доделување на наградата „Златен објектив“ на македонски автор со особен придонес кон македонската кинематографија.

Исто така публиката ќе може да ги погледне реставрираните филмови ХАЈ-ФАЈ на Владимир Блажевски, ЖЕД на Димитрие Османли и ТАТКО (КОЛНАТИ СМЕ, ИРИНА) на Коле Ангеловски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top