| четврток, 6 декември 2018 |

Министерство за култура: Во кои мерки Синдикатот за култура препознава тортура?

Министерството за култура со допис до медиумите реагираше по денешниот протест на Синдикатот за културата на РМ  кој, меѓу другото, бара измени на Законот за култура, нов колективен договор, повисоки плати, прашувајќи во кои мерки во изминатите девет години синдикатот препознал тортура.

– Министерството за култура го изразува своето жалење што денеска културата во Република Македонија беше вовлечена во дневно-политички контекст и беше направен обид за манипулирање на јавноста со изнесување информации кои се далеку од вистината. Министерството за култура го почитува легитимното право за изразување протест но, потенцираме дека законска обврска на Министерството за култура е за прашања кои се однесуваат на колективниот договор и правата на вработените во културата, да преговара исклучиво со мнозинскиот репрезентативен синдикат СОНК. Во изминатиот период заедно со СОНК посветено се работеше на систематизирање на работните места во сите институции од областа на културата во насока на новиот колективен договор кој беше даден на јавна расправа, пишува во реакцијата на Министерството кое ги наведува најазначајните мерки и проекти од 2007 до 2016 година, барајќи од  Синдикатот за културата јавно да одговори „каде во нив препознава тортура“.

Наведува дека се реализирани повеќе од 1.700 вработувања во културата (665 во музичко-сценската дејност и во центрите за култура, 436 во драмската дејност,  537 вработувања во установите од областа на заштитата на културното наследство, во библиотечната и музејската дејност); платите на сите вработени во културата се зголемени за 25, 84%, а на уметничкиот кадар за 81, 21%; воведени се национални пензии за валоризација на трудот на уметниците, како и титула Национален уметник (со  доживотен надомест од 60.000 денари месечно за добитникот).

– Го прашуваме синдикатот на културата, дали е тортура во културата зголемувањето на средствата за програмски содржини на институциите како и исклучително големиот број на индивидуални проекти на вработените во институциите во областа на култура, проекти кои се надвор од нивните работни ангажмани и кои овозможија професионално претставување на уметниците во Република Македонија и надвор од неа како и вршење на стручни работи во заштитата на културното наследство надвор од установата во која стручниот работник е вработен?, пишува во реакцијата на Министерството.

Тоа го прашува Синдикатот за култура и дали е тортура во културата грижата за културното наследство, бројните археолошки истражувања, конзервацијата на локалитетите и нивната презентација, бројните проекти за конзервација и реставрација на нашето движно и недвижно наследство и над 3 милијарди денари  издвоени за заштита на културното наследство.

Министерството во одговор на протестот на Синдикатот за култура посочува и на воведувањето на стимулативните мерки во сите дејности од областа на културата – откуп на композиции од областа на класичната музика, композиции од останатите жанрови, скулптури, ликовни дела, драмски текстови, финасирањето на преводи на македонски автори, мерки за кои се издвоени повеќе од 107 милиони денари за стимулирање на македонските репродуктивни уметници.

– Дали заложбите за подобрување на условите во кои работат уметниците и стручниот кадар, подобрувањето на постоечката инфраструктура и изградбата на новите театри, музеи, новата сала за Македонската филхармонија е тортура во културата? Дали за синдикатот на културата тортура во културата е зголемениот буџет за култура во сите дејности од културата? Го прашуваме синдикатот на културата во која од овие мерки или проекти препознава тортура во културата?, соопшти Министерството за култура.

Потенцира и дека сите измени на Законот за култура кои беа донесени во 2014 година требало да воспостават објективни и мерливи критериуми во изборот на вработените во институциите согласно европските стандарди и практики.

– Ја информираме јавноста дека овие одредби заради одложената примена се уште не се спроведуваат во институциите и во таа смисла, прашуваме, како синдикатот на културата ги процени и согледа нивните негативни ефекти и последици?  Министерството за култура во повеќе наврати досега ја покажа својата цврста определеност да ги решава проблемите во културата, во сите случаи кога тие се одраз на заедничкиот интерес на сите вработени. Затоа, сите иницијативи и предлози кои ќе бидат институционално доставени, како барања од сите вработени во установите и од стручната фела, а не како желби на одредени поединци, ќе бидат внимално разгледани и решени. Цениме дека во ова време кога Република Македонија се соочува со политичка криза, културата и културните работници треба да останат имуни на политичките влијанија и поделби, нагласува Министерството за култура во реакцијата.

Посочува и дека ќе продолжи со своите активности за подобрување на положбата и стандардот на културните работници.

– Во моментот постои техничка влада чија задача е спроведување на избори, со лимитирани овластувања и капацитети во другите полиња и области. По завршување на изборниот процес, Министерството за култура ќе продолжи со своите активности за подобрување на стандардот и положбата на културните работници, како и досега преку дијалог и активно партнерство со репрезентативните субјекти и претставници од културната сфера, стои во соопштението на Министерството з акултура.

Во однос на протестот се огласи и Управата за заштита на културното наследство, која е во состав на Министерството за култура. Смета дека протестот е  израз на индивидуални ставови на поединци, а не на институциите во кои тие се  вработени, а со цел „да се направи притисок врз државен орган кој нема надлежности и можности за промена на законите кои се барани од Синдикатот.“

– Управата за заштита на културното наследство на Република Македонија најстрого го осудува политизирањето на културата и нејзиното ангажирање во секојдневните случувања со цел да се оцрни она што е создадено досега во однос на културната афирмација во државата и надвор од неа, пишува во реакцијата на Управата за заштита на културното наследство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top