Дијабетесот зазема епидемиски размери во цел свет, покажуваат податоците на Светската здравствена организација (СЗО) и токму поради тоа оваа година мотото на Денот на здравјето е „Победи го дијабетесот“. Премногу е храбро да се каже дека може да се победи, меѓутоа многу е важно да се контролира ако веќе го има, вели во интервју за „Република“ д-р Игор Спироски, специјалист по хигиена и здравствена екологија од Институтот за јавно здравје. Тој е национален соработник на Министерството за здравство со СЗО во категоријата за незаразни болести.
Зошто Светската здравствена организација реши оваа година мотото на Денот на здравјето да биде „Победи го дијабетесот“? Дали оваа болест зазема епидемиски размери?
СПИРОСКИ: Светската здравствена организација (СЗО) секоја година на Денот на здравјето промовира еден здравствен проблем. Тие проблеми може да бидат вообичаени, за кои се знае, или ваквите, како што е дијабетесот, каде што ситуацијата во однос на неговата преваленца и на инциденцата на новозаболени случаи на глобално ниво, па и во најголем број на земјите од западниот свет, добива епидемиски размери. Бројките растат и не запираат, така што овој ден, вака структуриран како што го претстави СЗО, беше во насока да се подигне свеста за дијабетесот, како кај луѓето што го имаат и што, најверојатно, се најсвесни за тој проблем, така и кај оние што го немаат, меѓутоа практикуваат животни стилови што промовираат рана појава на дијабетес.
Дали Институтот за јавно здравје располага со информации за бројот на заболени од дијабетес во Македонија?
СПИРОСКИ: Околу 120 илјади луѓе во Македонија се со дијагностицирана состојба на дијабетес. Тоа не значи дека сите се лекуваат, но значи дека сите тие во некаква форма го имаат дијабетесот и имаат интервентни мерки, препишани од нивните лекари со кои влијаат на контролирање на болеста.
Кои се ризиците од дијабетес кај децата?
СПИРОСКИ: Тренд во светот, но и во нашата држава е појава на дијабетес од тип 2 кај деца. Порано, дијабетес од тип 2 се појавуваше кај луѓе над 40 години. Сега, овој тип дијабетес се појавува дури и кај деца од 8 и од 9 години. Имаме такви појави. Тоа значи дека границата на појава на дијабетес кој порано се појавувал во друго време, во друга возраст, сега е поместена многу порано. Тоа е алармантна ситуација, а ризиците и кај децата и кај возрасните се слични. Значи, животните стилови кај возрасните се доминантни, а кај децата се стиловите што возрасните ќе им ги наметнат како животен стил. Децата во тој период од животот не можат сами да одберат како ќе живеат. Тие најчесто го јадат она што го јадат возрасните, го купуваат она што го купуваат возрасните и нивните врсници, така се однесуваат и така ги носат ризиците. Значи, неправилната исхрана и немањето физичка активност се доминантни ризични фактори за појава на дијабетес тип 2.
Која е најмалата возраст на деца во Македонија кај кои е регистриран дијабетес тип 2?
СПИРОСКИ: Од разговор со колегите од педијатрија, најмладиот пациент кај кој е регистриран дијабетес тип 2 има околу десет години.
Какви се препораките од СЗО? Што може ние да сториме и како држава и како единки?
СПИРОСКИ: Во делот на превенцијата, главните препораки се кон главните ризици. Значи, контрола на исхраната. Има многу мерки што може да ги преземе државата, но има и мерки што може да ги преземат самите индивидуи. Преголемото внесување храна со додадени шеќери е еден од главните ризици. Нив ги има речиси во сите преработени производи. Мора да внимаваме што јадеме. Државата може да интервенира со мерки во областа на снабдувањето. На индивидуално ниво, на луѓето останува изборот на тоа што ќе прават. Тоа може да го направат со информирање од релевантни извори, како на пример од СЗО, кои даваат препораки за општата популација и тие да ги спроведуваат во дело. Дополнително, физичката активност е клучниот фактор. Многу е важно луѓето што имаат дијабетес да практицираат физичка активност за да можат многу полесно го држат под контрола нивото на шеќерот во крвта. За жал, нашата студија што ја направивме минатата година во Институтот за јавно здравје покажува дека слабо се практикува физичка активност. Тоа особено се забележува на оние нивоа што се над 150 минути умерена физичка активност неделно. Студијата покажа дека само околу 10 проценти од популацијата на национално ниво неделно практикува по 150 минути умерена физичка активност.
Може ли да се победи дијабетесот?
СПИРОСКИ: Премногу е храбро да се каже дека може да се победи, меѓутоа многу е важно да се контролира ако веќе го има. За популацијата што нема дијабетес е апсолутно дека дијабетесот е победлив со тоа што ќе практикува животни стилови што нема да му дозволат на дијабетесот да се појави во нивниот живот. Што се однесува до оние што имаат дијабетес, за нив е многу важно да се придржуваат кон советите на нивните лекари. Ние имаме извонредни стручни лица кои ја работат проблематиката со дијабетесот, како на педијатриска возраст, така и за возрасни пациенти. Клучно е пациентите да се придржуваат кон препораките, кон животниот стил што им е препорачан, да бидат физички активни, да практикуваат исхрана која ќе им ја препорача нивниот лекар. Дополнително, ако пијат лекови или, пак, ако примаат инсулин, апсолутно треба да внимаваат и да се придржуваат на препораките и на времето кога треба да ја земаат терапијата. Проблем е што има пациенти кои не се придржуваат кон препораките добиени од нивните лекари за примање на терапијата.
Истражувањата покажуваат дека Македонците не се дебела нација, но се натхранети. Дали се сложувате со оваа констатација?
СПИРОСКИ: Тоа е така, но јас би бил претпазлив со тоа колкав треба да биде процентот на луѓе што имаат зголемен индекс на телесна маса за да речеме дека нацијата ни е дебела или натхранета. На светско ниво уште нема стандарди за тоа. Меѓутоа, проблем има и треба да бидеме свесни за тоа, затоа што и кај возрасните и кај децата просекот на лица со зголемена телесна тежина и со дебелина е над просекот во земјите од Европската унија. Тој просек кај нас е понизок од просекот во земји кои имаат многу висок процент на дебелина, но ако се споредуваме со Европската унија, тогаш нашиот просек е над просекот. Значи, дебелината и тој ризик постојат. Важно е да се истакне дека зголемениот индекс на телесна маса го надмина тутунот како број еден ризичен фактор за незаразни болести. Нивоата на пушењето цигари и консумирање алкохол на светско ниво, па и кај нас, се во постојано опаѓање. Сега е ред да се соочиме со овој ризик, а тоа е зголемената телесна тежина и дебелината, која во нашиот дел од светот, а и во сите развиени земји е број еден ризичен фактор за појава на незаразни болести.
Има ли вистина во тврдењето дека исхраната е половина лек кога станува збор за лекување на дијабетесот?
СПИРОСКИ: Колегите ендокринолози можат најдобро да одговорат на ова прашање. Но, она што го знам е дека луѓето што практикуваат правилна исхрана, исхрана приспособена за своја возраст и имаат физичка активност, се со многу помал ризик за добивање на дијабетес и тие многу подобро го управуваат дијабетесот што веќе го имаат. Не знам дали може да речеме дека е половина од лекот, но секако, има голема значење.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)