| четврток, 6 декември 2018 |

Кливленд се загрева за финале, нов рекорд на Голден стејт (видео)

golden stejt

Екипата на Кливленд си ја завршија работата порано и со 4-0 скор во меѓусебните дуели со Детроит обезбедија полуфинален пласман во Источната конференција во НБА лигата. Леброн и другарите славеа со 98-100 (28-25, 24-28, 26-28, 20-19), а во полуфиналето ќе се сретнат со победникот помеѓу Атланта и Бостон.

Кајри Ирвинг повторно имаше одлично издание со 31 поен додека Леброн Џемс забележа нов дабл-дабл од 22 поени, 10 скокови и шест асистенции.

Вориорс одлиграа уште еден одличен натпревар, но мислите на играчите и навивачите на тимот се со првата ѕвезда Стеф Кари кој го повреди коленото. Тој се врати во тимот по два натпревари пауза поради повреда на скочниот зглоб, но сега можеби се соочува со нешто посериозна повреда, бидејќи лошо се лизна на паркетот и го истегна коленото. Првите прогнози се дека има истегнување на лигаментите, а дополнителните прегледи ќе покажат колку е сериозна повредата и колкава пауза ќе му биде потребна.

Натпреварот синоќа беше навистна чуден ако се знае дека по првите две четвртини резултатот беше изедначен со 29-29 и 27-27. Во третиот период следуваше експлозија на Голден Стејт по што постигна 41 поен наспроти 20-те на Хјустон. Проработе шутот за три поени, па на крајот Вориорс поставија и рекорд од 21 постигната тројка. Имаа и највисоко водство од 29 поени, но на крајот Хјустон се избори за нешто попристоен пораз.

Клеј Томсон со 23 поени беше најефикасен кај шампионот од кои дури седум тројки. Андре Игудала имаше 22 поени, а Дрејмонд Грин учествуваше во триумфот со 18 поени. Кај Хјустон, најмногу се истакна Давајт Хауард со дабл-дабл учинок од 19 поени и 15 скока, додека Џејмс Харден постигна 18 поени.

На овој натпревар беше срушен уште еден НБА рекорд. Голден стејт постигна 21 тројка што е најдобро остварување во еден плејоф меч.

Бостон израмни на 2-2 против Атланта со синоќешната победа на свој паркет од 104-95 по едно продолжение. Ајзеја Томас со 28 поени ги предводеше Селтикс, а двоцифрен ефект имаа уште петорица кошаркари Смарт (20), Тарнер (17), Јеребко (16), Краудер (12). Пол Милсап имаше неверојатна вечер во тимот на Хоукс со 45 постигнати поени, но не можеше сам против целиот тим на Бостон. Победникот од оваа серија ќе игра против Кливленд во полуфиналето на Источната конференција.

Сан Антонио исто како и Кливленд со максимални 4-0 во победи се пласираше во конференциското полуфинале откако и во вториот натпревар на гостински терен против Мемфис славеше со 116-95. Гостите одиграа одлична трета четвртина кога и ја обезбедија победата, бидејќи тие 12 минути игра ги добија со 37-21.

Кави Леонард беше најдобар кај победничкиот тим со 21 поен, Тони Паркер постигна 16, додека Ламаркус Олдриџ реализираше 15 поени и придодаде уште 10 скока. Ленс Стивенсон со 26 поени беше најефикасен кај Мемфис.

За тренерот на Сан Антонио, Грег Попович ова беше деветта „метла“ во НБА плеј-офот, односно по деветти пат неговиот тим слави со максимални 4-0 во разигрувањето.

Натпреварот беше прекинат на стартот на втората четвртина, бидејќи во арената снема струја, како и во поголем дел од градот Мемфис.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top