| четврток, 6 декември 2018 |

Преговарачките тимови од Србија и Косово на средба во Брисел

Тимовите за имплементирање на договорот меѓу Белград и Приштина денеска во Брисел ќе се сретнат во кабинетот на шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон

eu brisel

Средбата се одржува со цел да се претстават плановите за спроведување на договорот.

Белградскиот тим ќе биде предводен од советникот на српскиот претседател Марко Ѓуриќ, додека шеф на приштинската делегација е косовскиот вицепремиер Хајредин Кучи.

Двата тима денеска попладне прво ќе остварат одделни средби со Ештон, а потоа ќе одржат заеднички состанок, јавува Танјуг.

Договорот кој минатата недела го потпишаа српскиот премиер Ивица Дачиќ и неговиот косовски колега Хашим Тачи предвидува широки овластувања за заедницата на српските општини на Косово, посебно кога станува збор за судството и полицијата.

Српската вицепремиерка за евроинтеграции Сузана Грубјешиќ изјави дека тимовите за имплементација на бриселскиот договор на денешниот состанок ќе разговараат за редоследот за реализација на договорените точки и роковите за нивна примена.

Разговорот за планот на имплементирање е од суштинско значење за натамошната примена на договорот, бидејќи од неговата содржина зависи дали договорот ќе води кон вистинска автономија за Србите.

Српската Влада во понеделникот се согласи со потпишаниот текст од предлог-договорот со Приштина, а за утре е закажана седница на Парламентот на која пратениците ќе го разгледаат владиниот извештај за досегашниот процес на политичкиот и техничкиот дијалог со Приштина, чиј составен дел е и предложениот договор.

Во посета на Белград денеска ќе допатува еврокомесарот за проширување Штефан Филе

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top