Вкупно 77 филма, работилници и мастер-класови ќе бидат дел од 19-тото издание на Скопскиот филмски фестивал. Фестивалот ќе биде отворен вечерва во киното „Милениум“, со „Сен Амур“, филмот што го отвори и последното издание на Берлинскиот филмски фестивал.
Се работи за најновиот филм на белгиско-францускиот режисерски двоец Беноа Делепин и Густав Керверн. Во главните улоги се Жерар Депардје и Кјара Мастројани, ќерката на легендарниот Марчело Мастројани и Мишел Уелбек, еден од најинтригантните писатели на денешницата.
До 30 април посетителите можат да погледнат повеќе филмови, кои ќе се прикажуваат во кината „Милениум“ и „Фросина“ и во Кинотека. Филмовите се распоредени во девет програми: „Гала“, „Програма на авторски филм“, „Панорама на светски филм“, „Македонска продукција“, во која публиката ќе ги види најновите кратки, анимирани и документарни филмови на млади македонски автори. Скопскиот филмски фестивал за својата публика подготви „Ретроспектива на Педро Алмодовар“, во чии рамки ќе бидат прикажани девет негови филма.
Годинава ќе може да се видат и најинтересните француски филмови во програмата „Фокус на францускиот филм“, во соработка со Кинотека на Македонија и „Фокус на тајванскиот филм“. Ќе биде прикажана и „Програмата на кратки филмови“ од најновата светска продукција и посебна „Програма на кратки шпански филмови“.
Во „Гала-програмата“ е добитникот на „Оскар“ за најдобар филм од неанглиско подрачје, унгарскиот „Синот на Шаул“ – моќен дебитантски филм на режисерот Ласло Немеш, „Каде да се окупира следно“, најновиот филм на оскаровецот Мајкл Мур. Меѓу филмовите се и „Мојот крал“, награден на Канскиот филмски фестивал, „Крвта на мојата крв“, новото дело на италијанскиот мајстор Марко Белокио, а во оваа програма е и филмот „Лазар“, најново остварување на македонскиот режисер Светозар Ристовски.
Во рамките на програмата „Авторски филм“ ќе бидат прикажани филмовите „Рјузо и седумте следбеници“ на Такеши Китано, „Слободен пад“ од Ѓерѓ Палфи, кој по „Таксидермија“ се враќа со ново остварување. Ќе биде прикажан и „Мажи и кокошки“, на Андерс Томас Јенсен, највпечатливиот филмски талент од Данска, по Ларс фон Трир.
Дел од програмата „Панорама на светскиот филм“ се „Карол“ со маестралната Кејт Бланшет и „Суфражетки“ со извонредна актерска екипа предводена од Мерил Стрип, францускиот „Мојот крал“ со Винсент Касел и Емануел Беркот во главните улоги, кои беа наградени во Кан.
Во рамките на годинашново издание на Скопски филмски фестивал во киното „Фросина“ на 28 април ќе се одржи работилница за филмска музика со Игор Василев – Новоградска. Предавањето е за јазикот на филмската музика и комуникацијата меѓу музичките форми и драмското дејство.
Годинава има и Работилница/ Мастер класа за експериментален филм со Карл Абрахамсон.
На фестивалот ќе се одржи и првиот Media day Инфо ден со цел да се информираат и да им се даде поддршка на македонските филмски професионалци и други заинтересирани во изготвувањето на апликации за потпрограмата МЕДИА Креативна Европа. Канцеларијата во Агенцијата за филм ја води Владимир Стојчевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.