| четврток, 6 декември 2018 |

Премиера на филмската комедија на Коле Ангеловски „Ах, љубов моја“

Сценарието за „Ах, љубов моја“ Ангеловски прво го напиша за театарската претстава со која се отвори театар Комедија и претставата имаше 50 изведби за две години. Оваа претстава веќе не е на репертоарот на театар Комедија. Според режисерот, снимен е доволно материјал и би можело „Ах, љубов моја“ да се прикажува и како серија од пет епизоди која би се емитувала следната година

Филмската комедија „Ах, љубов моја неверна“ на македонскиот режисер Коле Ангеловски ќе биде премиерно прикажана на Скопскиот филмски фестивал вечерва, во 20,30 часот во скопското кино „Милениум“. Од 27 април филмот ќе почне да се прикажува во кината низ Македонија.
„Ах, љубов моја неверна“ е приказна за позната поп пеачка Сузан, која по успешната турнеја низ Турција и емотивините проблеми предизвикани од раскинувањето на долгогодишната љубовна врска, доаѓа во еден хотел да се одмори во мир и тишина, далеку од јавноста и новинарите. Меѓутоа, во хотелот се појавува нејзиниот поранешен љубовник Селпин, кој сака да се збогува со неа, по што се тргнува наопаку. Изненадувачки средби, неочекувани личности и ситуации, кои на крајот сепак ќе завршат со среќен крај.

Сценарист и режисер на филмот е Коле Ангеловски. Улогите ги толкуваат:  Нина Деан, Атанас Атанасовски, Александар Микиќ, Соња Стамболџиева, Роберт Ристов, Жарко Димоски, Крсте Јовановски, Марија Кондовска, Ердоан Максут, Кристина Ласовска, Валентин Костадиновски, Ева Скендеровска, Едмонд Сотир, Андон Јовановски.

Филмот е реализиран со финансиска поддршка на Агенцијата за филм на Република Македонија која за „Ах, љубов моја“ додели 14.300.000 денари. Вкупниот буџет на филмскиот проект е 20.766.537 денари.

„Ах, љубов моја“ е трета македонска филмска комедија, по „Мирно лето“ кој во 1961 година го режираше Димитрие Османли и „Викенд на мртовци“ чиј режисер е токму Ангеловски.

– „Ах, љубов моја“ доаѓа по пауза од скоро 30 години, откако го снимив филмот „Викенд на мртовци“. Кај нас се снимаат историски филмови или филмови со социјална тематика, а најмалку се снимаат комедии, уште па и љубовни. Љубовта е најмалку третирана во македонскиот филм. Како да се плашат луѓето од љубов, како да не се сакаме. Бев инспириран од турските серии кога го пишував сценарито – изјави Ангеловски.

Сценарието за „Ах, љубов моја“ Ангеловски прво го напиша за театарската претстава со која се отвори театар Комедија и претставата имаше 50 изведби за две години. Оваа претстава веќе не е на репертоарот на театар Комедија.

Според режисерот, снимен е доволно материјал и би можело „Ах, љубов моја“ да се прикажува и како серија од пет епизоди која би се емитувала следната година.

Продуценти се Горан Стојилковиќ, Димитар Николов и Владимир Стојчевски. Директор на фотографија е Роберт Јанкуловски, Илина Ангеловска е сценограф, а костимите се на Лира Грабул и Раде Василев. Дизајнот на звук е на Дарко Спасовски Пацки, а музиката е на Венко Серафимов и Џенгиз Ибрахим.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top