| четврток, 6 декември 2018 |

Хан, Ховит, Кукан, Вајгл: Требаше да се најде начин за напредок во имплементацијата на договорот од Пржино

johanes hahn za glavna

Еврокомесарот Јоханес Хан и членовите на Европскиот парламент Ричард Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгл, денеска преку соопштение изразија жалење што не може да се одржи лидерската средба планирана за 22 април во Виена.

Оваа средба имаше цел да ѝ помогне на земјата да најде начин за напредок во имплементацијата на договорот од Пржино, со учество на сите потписнички на Спогодбата, стои во официјалното соопштение на комесарот Хан и Ховит, Кукан и Вајгл.

Тие во соопштението посочуваат дека постојаните проблеми со владеењето на правото во Скопје, кои го поткопуваат овој договор, мора да се решат без понатамошно одложување.

– Ова особено се однесува на неодамнешните помилувања од страна на претседателот и чекорите што се итно потребни за подготовка на веродостојни избори, кои би можеле да бидат признаени од страна на меѓународната заедница, се подвлекува во соопштенито.

Хан, Ховит, Кукан и Вајгл потенцираат дека остануваат цврсто посветени и се на располагање да им помогнат на партиите.

– Сепак, нагласуваме дека одговорноста да се постигне демократски напредок и да се напредува на евроатлантскиот пат зависи од самите партии, од име на граѓаните на нивната земја. Сега тие се на ред да постигнат нешто и да го дефинираат патот нанапред- порачуваат во соопштението.

Во соопштението стои дека тие постојано велат оти пропаѓањето на договорот од Пржино ќе има многу сериозни последици за земјата. Комесарот Хан и европратениците Ховит, Кукан и Вајгл изразуваат длабоко жалење за, како што се вели во соопштението, ретроградните чекори што ја оддалечуваат земјата од нејзините аспирации кон членство во Европската Унија.

– Во отсуство на каков било понатамошен напредок, сега сме принудени да разгледаме какви понатамошни активности се потребни за да се исполнат барањата јасно поставени од Европскиот совет, Европската комисија и Европскиот парламент. Ние, исто така, ги признаваме изјавите и акциите на граѓанското општество во земјата и ја изразуваме нашата целосна поддршка за сите мирољубиви напори да се обезбеди плурализам и слобода на мислењето, кои се централни вредности во сите европски демократии- се подвлекува во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top