Со концертот на театарска музика „На светов убавина“, кој ќе биде составен од авторски песни за претстави од познатиот музичар Горан Трајковски, утре во Македонскиот народен театар (20 часот) почнува третиот „МНТ-фест“, кој ќе трае до јуни.
На концертот ќе бидат изведени 17 авторски песни на Горан Трајкоски, создадени за десетина претстави од 2003 до 2013 година, заклучно со „Вечната куќа“, со која почна работата на новиот објект на МНТ.
– Не сум некој голем љубител на објавување инструментална музика. Секогаш сум повеќе за изведување во живо и поборник за песната како музичка форма отколку за инструменталната музика, која преовладува во театарот. Затоа што зборот во театарот му е најчесто посветен на актерот. Во сите овие години наназад се насобра еден поголем збир од театарски песни во кои најголем број се работени за претстави на Пројковски како режисер – рече Трајкоски.
Концертот ќе има три дела – кабаретско-театарски, епски и фолклорен и дел со црковни напеви и псалмични елементи. Во првиот дел тој самиот ќе ги изведува песните, во еден дел Елена Христова и дел во кој ќе настапи актерката Арна Шијак. Првпат, како што рече, ќе настапи со голема екипа – тројца вокалисти (меѓу кој е и самиот) и оркестар со 12 инструменталисти.
Поранешниот член на „Мизар“ и на „Анастасија“ е често соработник на Пројковски, а заедно ќе работат и на следни проекти, како „Бура“ во Црна Гора, голем проект базиран на „Псалми“… Пројковски истакна дека Трајкоски е еден од најголемите театарски композитори, не само во регионот, туку и во Европа.
– Тој е еден од театарските автори и дејци кој остава силен белег, го обележува македонскиот театар и е еден од неговите брендови. Над 30 претстави сме работеле заедно и важно е што постојано се изненадуваме, во секоја соработка повторно се преоткриваме – изјави Пројковски.
Концертот „На светов убавина“ е во продукција на МНТ и веќе се преговара по премиерата во Скопје да гостува и во национални театарски куќи на други земји. Планирано е песните да се снимат во студио и МНТ да објави компактен диск
Директорот на МНТ Дејан Пројковски на прес-конференција соопшти дека гостувачки претстави ќе има до крајот на јуни, а првото гостување на „МНТ-фест“ е задутре во црквата „Пресвета Богородица“. Триесетина учесници од „Wegajty Music School“ од Полска во среда од 20 часот во храмот ќе го изведат проектот „Ludus Pasionis“. Според Пројковски, Полјаците имаат специфична театарска форма, која е блиску до средновековните литургиски претстави.
Гостувањата во мај ќе бидат во знакот на италијанскиот театар: „Сон на летната ноќ“ – претстава со млада актерска екипа на „Фактори театар“; Театарот „Принципоативо“ со претстава од писателот Луиџи Пирандело; танцова претстава во изведба на „Роберто Кастело компани“ од Лече, како и една проекција на документарниот филм „Земјата во која дрвјата летаат“ снимен оваа година и посветен на Еуџенио Барба, основач на „Один театарот“. Гостин на проекцијата ќе биде еден од режисерите од Милано. Во јуни ќе биде организирана и работилница за актери во соработка со „Один театарот“.
– За јуни подготвувавме уште неколку изненадувања, но поради ексклузивноста на дел од учесниците тоа би го оставиле за некоја следна пригода – рече Пројковски.
На „МНТ-фест“ ќе гостува претставата „Соларис“ на Андриј Жолдак, копродукција МНТ, „Виенер фест вохен“, еден од најголемите европски театарски фестивали. По премиерата во Виена (10, 11 и 12 јуни), „Соларис“ ќе гостува во Скопје во рамки на „МНТ-фест“.
– Мислам дека „Соларис“ ќе биде една од претставите што ќе ја одбележи оваа театарска сезона во Македонскиот народен театар – рече Пројковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.