| четврток, 6 декември 2018 |

Белгискиот весник „Газет ван Антверп“ смета дека приемот на Грција во ЕУ е грешка

Приемот на Грција во Европската унија беше грешка, осамна денеска во тиражниот белгиски весник „Газет ван Антверп“, пишува порталот „Плус инфо“.
Во воведниот текст во овој весник, уредникот Пол Гуденс пишува дека „Европската комисија и шефовите на земјите-членки беа многу добро свесни дека Атина ги префарба буџетските бројки, но тоа не беше доволно да се расипе забавата со проширувањето на ЕУ“.
Во продолжението на насловниот текст на овој угледен и тиражен дневен весник од Белгија, се вели: „Сега сите ги знаеме последиците од ставот да се примат Грците во европското друштво – Грција е практично банкротирана и со неа влече надолу уште неколку други европски држави!“, напишал уредникот Гуденс, додавајќи дека „постојат и други земји што не е сигурно дали го заслужуваат своето место во Унијата“.
– Погледнете ги Бугарија и Романија! Па дури и Полска и Унгарија. Економските, финансиските и социјалните разлики се толку широки што прави невозможно да се формира кохерентна Унија меѓу овие држави и земјите од Северна и Западна Европа на среден рок. Дури и полошо. Овие земји им прават проблеми на економиите на земјите што беа толку љубезни да им дозволат да се приклучат на друштвото, па дури и да плаќаат за нивното пристапување. Белгија е една од примарните жртви – се наведува во овој воведен текст во „Газет ван Антверп“.
– Пред да продолжи да се шири понатаму, Унијата треба прво да ја доведе својата куќа во ред- предупредува уредникот на угледниот белгиски весник оценувајќи дека со договорот Белград-Приштина се отвораат вратите на Унијата за прием и на Србија и Косово.
„Дали е ова Европа каква што сакаме? Не сме сигурни и не може да продолжи на овој начин“, се порачува на крајот во воведниот текст на Пол Гуденс во „Газет ван Антверп“, што е нова порака за нашиот јужен сосед дека тие, а не Македонија, се државата што најмалку заслужува да биде дел од ЕУ поради тоа што со финансиската криза го влече и официјален Брисел кон економска пропаст.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top