| четврток, 6 декември 2018 |

Хан: Политичките партии да се вратат на преговарачка маса

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан повика ги сите партии да се вратат на преговарачка маса и на патот кон евроинтеграциите и потенцираше дека ако не работат заедно и не останат фокусирани на фер избори, новата влада, нема да биде меѓународно прифатена и признаена. Хан рече и дека е  разочарување од последните настани.

– Навистина сум разочаран од последните настани. Ние инвестиравме многу во договрот од јуни-јули минатата година за да се донесе земјата назад на евроатланскиот пат. Многу од роковите не беа испочитувани кога требаше, но конечно тоа беше направено. И затоа фактот дека сега изборите на 5 јуни се под тешка ситуација, искрено не знам како ќе изгледа по изборите. Мислам дека можам само да ги повикам сите партии, исто и цивилното општество, но особено политичките партии, да се вратат на преговарачка маса и да останат посветени на евроатланската перспектива на земјата – нагласи еврокомесарот, одговорајќи на прашање од Обединетата македонска дијаспора.

Според него, сите треба да разберат што е во прашање.

– Се надевам дека можеме да ја испратиме оваа порака. Членови на Европскиот парламент и јас ќе пробаме да направиме уште еден напор да ги донесеме заедно и да посредуваме. Не можам да ветам ништо, но се надевам дека постепено луѓето во регионот и во некои други делови ќе разберат дека демократијата значи да се постигне договор и компромис, а не да се има став на победник и губитник. Во спротивно, никогаш нема да бидете успешни. Луѓето во регионот заслужуваат подобра иднина, а тоа е единствено можно ако се има јасна европска перспектива.Ова вклучува европско или демократско сфаќање на владеењето на правото. Ова мислам веќе е одговор на опсежното помилување на луѓе од страна на претседателот на државата – потенцира Хан.

Во однос на соседската политика и преговорите за проширување, Хан повтори дека ЕУ сака да ги продлабочи односите со соседите, да промовира стабилност и да поддржува демократски и економски реформи. Проширувањето останува на агендата, но е условено со реформите.

– Ги научивме лекциите од претходните случаи на проширувања дека е неопходно да се има процес со земјите кандидати со цел да им овозможиме нив да бидат на ниво што е прифатливо за нашите државјани. Значи повеќе е до процесот, а помалку до преговорите што треба да се направат – посочи Јоханес Хан.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top