Македонија ќе биде дел од официјалната главна програма на 69. Кански филмски фестивал преку Агенцијата за филм на Република Македонија и продукција „Сестри и брат Митевски“со најновиот филм на Кристи Пуиу, „Сиера Невада“.
Оваа соработка ѝ го носи на Македонија првото учество во главната програма на Канскиот филмски фестивал.
– Ова е голем ден за македонската кинематографија. Нема автор или продуцент, актер, филмски професионалец, кој не посакува да биде во Кан, во која било програма. За жал, Кан многу малку знае за нашата кинематографија и со овој успех, со оваа копродукција, сметам дека пополека ќе почне да ни се отвора и канската врата – изјави продуцентката Лабина Митевска.
Таа информираше дека соработката со продуцентите на филмот е почната пред две години токму на Канскиот фестивал.
Директорката на Агенцијата за филм Мими Ѓоргоска – Илиевска оцени дека е ова значаен успех за македонската кинематографија и за Македонија, која првпат ќе биде дел од главната програма во Кан.
– Секогаш искрено се радувам кога имаме повод да го празнуваме филмот и филмската уметност. Уште повеќе се радувам кога за ваквиот повод свој удел има и Агенцијата за филм – истакна таа.
Ѓоргоска – Илиевска истакна дека сакаат да покажат дека заложбите на Агенцијата за филм од една страна и продуцентите, режисерите, филмските автори и работници од друга страна се повеќе се движат во насока на партнерска соработка.
– Ќе продолжиме така и во иднина во интерес на создавање квалитетни филмски дела, кои ќе бидат достоен репрезент за македонската кинематографија – рече директорката на Агенцијата за филм.
Во оваа меѓународна копродукција учествуваат пет држави, Романија, Франција, Македонија, Босна и Херцеговина и Хрватска, со поддршката од Еуримаж.
Кристи Пуиу е еден од најголемите европски и светски автори. Својата филмска кариера ја почнува во 2001 година, кога со својот прв филм „Работи и тесто“ (Stuff and Dough), премиерата ја има на престижниот Кански филмски фестивал во селекцијата за режија (Directors fortnight), за во 2004 на Берлинскиот филмски фестивал да ја освои „Златната мечка“ за својот краток филм „Кафе и цигари“. „Сиера Невада“ е неговиот четврт филм на Кан, но за првпат во главната натпреварувачка селекција. Филмот зборува за еден семеен собир преку кој на многу директен начин се отвораат многу интересни аспекти и теми од животот во Романија.
„Сиера Невада“ е копродукција меѓу Романија, Франција, Македонија, Босна и Херцеговина и Хрватска, а поддржан е и од Еуримаж. Ова филмско остварување е поддржано како малцински проект од страна на Агенцијата за Филм на Република Македонија со 5.000.000 денари.
Целиот буџет на филмот е 1.300.000 евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Фантастичен прием на „Дивата круша“ на Нури Бигле Џејлан на Канскиот филмски фестивал
-
Јапонецот Хироказу Коре- Еда е годинашниот добитник на „Златната палма“ во Кан
-
Агенцијата за филм во Кан потпиша неколку договори за регионална и европска соработка
-
Македонија како дестинација за снимање филмови се промовира во „Холивуд репортер“