| четврток, 6 декември 2018 |

Промовирана мрежата на креативност „Арт линк“

На иницијатива на Музејот на Град Скопје претставниците на десет универзитети во Македонија, кои во својата програма ги изучуваат креативните уметности создадоа мрежа и денеска ги промовираа заедничките проекти и иницијативи.

Промоцијата на заедничкиот проект „Арт линк 2016“ ја отвори директорот на Музејот на град Скопје д-р Љубен Тевдовски, кој нагласи дека Музејот се гледа себеси како значајно жариште на креативноста и уметноста на главниот град и точка на контакт на протагонистите на креативните уметности низ Македонија.

Тевдовски се заблагодари на претставниците и раководствата на македонските универзитети кои со голем ентузијазам и посветеност одговорија на иницијативата на Музејот на град Скопје.

– Оваа наша заедничка иницијатива веќе донесе с заеднички проекти и отвора можности за претставување на нашата креативност и уметност во светот. Но она што е многу поважно е дека таа има капацитет да создаде и структурира форум за долгорочна комуникација, интеракција, размена на индеи и заденички професионален развој на младите креативци од Македонија. Токму таа отвореност и дијалог на идеи и визии е гарант за иднината на македонското општество – заклучи Тевдовски.

На промоцијата говореа и повеќе ректори, декани и професори, кои се заблагодарија на иницијативата на директорот Тевдовски и му честитаа на Музејот што за прв пат на заедничка маса ги собрал колегите од приватните и државните факултети низ Македонија кои ја изучуваат уметноста. Професор д-р Ладислав Цветковски од Ликовната академија на Универзитетот „Кирил и Методиј“ од Скопје нагласи дека соработката со Музејот на Град Скопје е од огромно значење и ваквата отвореност на музејот е поттик за нивниот факултет, како за професорите така и за студентите. Во името на Архитектонскиот факултет на Универзитетот Кирил и Методиј се обрати професор Наташа Милованчев, која во името на деканот на факултетот се заблагодари за одличната соработка на Музејот во изминатите месеци, како на домашен така и на меѓународен план. Во овој контекст, нагласено беше дека Архитектонскиот факултет и Музејот соработуваат и на проекти во соработка со образовните институции во Торино, Италија, кои во текот на јуни ќе бидат презентирани во скопскиот музеј.

На пресот се обратија претставници од речиси сите универзитети нагласувајќи го значењето на оваа соработка, можностите за практиката и практична работа во музејот, како и заеднички проекти од едукативен, културен, заштитен и промотивен карактер. Впечатливи беа обраќањата на деканот на Факултетот за арт и дизајн на Европскиот Универзитет Јана Манева Чуповска и Деканот на ликовната Академија на државниот универзитет во Тетово Мифтар Мемети. Чуповска се заблагодари за можноста нивните студенти да црпат практични искуства од работата на Музејот на град Скопје и неговите различни стручни одделенија. Од друга страна, деканот Мемети нагласи: „како уметник за мене е најважна идејата, а идејата на директорот Тевдовски да ги обедини сите овие креативци на едно место ќе се трансформира во долгорочно уметничко дело од кое ќе произлезе многу воодушевување помеѓу нашите студенти“.

Музичката поддршка на проектот е на браќата Тавитијан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top