| четврток, 6 декември 2018 |

„Вртелешка“ на Артур Шницлер премиерно во Струмица

Во Центарот за култура „Антон Панов“ в петок, 15 април, во 20 часот ќе се одржи премиерната изведба на претставата „Вртелешка“ работена по текст на австрискиот автор Артур Шницлер по режија и сценографија на Драгана Таневска, а во изведба на струмичкиот театарски ансамбл…

– Станува збор за провокативен автор, кој не е многу поставуван во Македонија, но кој како дипломиран доктор, а вљубеник во психологијата и Зигмунд Фројд, прави допир до есенцијалните човечки облици – рече на прес конференцијата директорот на театарот, Драган Маџиров.

Додаде дека ова е втора премиера на овој театар годинава, исто така и втора и на режисерката од тој ансамбл.

– Шницлер се занимава со психологијата и голема инспирација има од Сигмунт Фројд, бидејќи во сите негови драми отворено зборува за сексуалноста и антисемитизмот преку алузија и психологија допирајки до есенцијалните облица на човековата природа. Поради големата сексуалност и антиземитизмот, неговите текстови во триесеттите години на 20 век биле забранувани од нацистичките партии на Германија и Австрија – рече Маџиров.

Режисерката Таневска, пак, истакна дека станува збор за претстава за љубовта.

– Претставата зборува за љубовта, за сето она што модерниот човек го избегнува во секојдневието. Општеството го тера човекот да биде брз, да нема време за подлабоки работи, и ја заборава љубовта и вистинските вредности. Нашата претстава зборува за љубов, за она што го тера човек да биде комплетен – вели Таневска.

Актерот и костимограф Ванчо Василев истакна дека во претставата го глуми ликот на младиот господар, кој, како што рече, за него бил голема провокација да го одигра.

– Истовремено ги работев и костимите што ја следат режисерската естетика која Таневска ни ја наметна. Се надевам дека ќе биде пријатно естеско доживување – рече тој На денешната прес-конференција директорот Маџиров го најави дводневното гостување на театарот од Јагодина, Србија, во Струмица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top