| четврток, 6 декември 2018 |

Војните на Балканот- извор на оружје за црниот пазар

VarsavaНедозволената трговија со оружје претставува сериозна закана за сите држави од Европа, независно дали се дел од ЕУ или се дел од Западен Балкан. Интензивирањето на заедничката соработка може значително да влијае за зголемување на ефикасноста против овој вид организиран криминал, посочи министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на Конференцијата на министри за внатрешни работи на Салцбург Форумот во Варшава, Полска.

Македонија не може да се третира изолирано од целиот контекст на Западен Балкан, особено што бројните конфликти во изминатите дваесетина години на Балканот го отворија и овој проблем.

– Најголем дел од оружјето и експлозивните материи потекнува токму од овие конфликти, а истото се чува од страна на поединци или групи кои го продаваат на црниот пазар во регионот, рече Јанкулоска.

Статистички МВР лани откри 178  кривични дела „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ за што кривично пријавени се 215 сторители.  Покрај запленетите 178 парчиња разновидно оружје, одземени се и 8.682 парчиња различна муниција, 75 детонаторски каписли и 54,6 килограми експлозив. Покрај мерките на кривичен прогон, поднесени биле и 429 барања за прекршочна постапка против 455 лица, најчесто заради набавување делови од оружје, поседување муниција, носење на оружје, нерегистрирање на оружје, непредавање на оружјето и муницијата во случај на смрт на сопственикот и слично. Притоа, одземени се вкупно 229 парчиња разновидно оружје, 800 парчиња муниција, две парчиња експлозив и значително количество други пиротехнички средства.

На територијата на Македонија лани се пронајдени вкупно 122 парчиња оружје, поголемиот старо, неисправно и нестандардно. Меѓу нив 65 гранати, 29 мини, 23 рачни бомби, рачен ракетен фрлач, како и 4,780 парчиња муниција, 12 пакувања барут, седум детонаторски каписли, топовски удар, гасна бомба, 21 пиротехнички средства-ракети.

Јанкуловска најави дека идниот месец во Република Македонија, МВР организира меѓународна работилница поддржана од инструментот за техничка помош на ЕУ, ТАИЕЏ на тема „Борба против недозволената трговија со огнено оружје”.

– МВР и понатаму ќе ги презема сите неопходни активности во насока на сузбивање на нелегалната трговија на оружје, преку зголемување на регионалната соработка и прифаќање на најдобрите пракси од оваа област кои се во сила во земјите членки на Европската Унија, истакна во обраќањето министерката Јанкуловска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top