| четврток, 6 декември 2018 |

Димитар Николов – Таки: ДФРМ ме смени со перфидна постапка

Димитар Николов – Таки во вторникот беше разрешен од функцијата директор на Интернационалниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“. Тој вели дека Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) го сменило на перфиден начин. Со писмо се обрати до јавноста.

kultura154-Dimitar-Nikolov-Taki-1

Писмото го објавуваме во целост.

Вчера бев разрешен од позицијата директор на ИФФК „Браќа Манаки“. Во овие тешки времиња низ кои поминува нашата земја, можеби оваа манифестација не би требала да е во фокусот на интерес, но должен сум да ја известам јавноста за случувањата кои може да имаат катастрофални последици за овој најзначаен фестивал, не само во Македонија, туку и многу пошироко.

На последното собрание на ДФРМ што се одржа вчера (12.04.2016, на кое не бев присутен поради отсуство од Македонија), раководството на ова здружение по брза, перфидна постапка наметна измена на правилникот за работа на фестивалот „Браќа Манаки“, со цел да обезбеди покритие за смената на директор на фестивалот. Со вметнување на нов член во овој правилник, кој кажува дека директорот на фестивалот може да биде разрешен доколку не биде прифатен неговиот извештај, претседателот на ДФРМ барал да се изгласа новиот правилник, со најдобра намера, дека со тоа се дефинира подоброто функционирање на фестивалот. Веднаш потоа го ставил на гласање усвојувањето на извештајот за последното 36.издание на фестивалот, кој не бил усвоен, без образложение, зошто!

Извештајот за работата на фестивалот беше тема на дневен ред на минатото Собрание на ДФРМ, кога доставив детален финансиски извештај со сите специфицирани трошоци. Евидентно е дека целата оваа игра за промена на правилникот на ДФРМ и повторното ставање на извештајот на дневен ред е направена само за да се направи формално правно покритие за смената на директорот на фестивалот „Браќа Манаки“ и од одредена група да се има контрола врз него.

Морам да напомeнам дека годинава прв пат е доставен извештај за работа на фестивалот „Браќа Манаки“ во кој се истакнати сите направени трошоци, што досега никогаш не било случај.

За сите минати изданија на фестивалот бил доставуван извештај на едвај страница – две и ДФРМ, како таков, без проблем го прифаќал, а годинава целото финансиско работење на фестивалот е потполно транспарентно со јасно одделени ставки за сите трошоци и хонорари, извештајот не се прифаќа и e повод за смена на директорот на фестивалот. Инаку, последното издание ги покри сите долгови кои се влечеле веќе со години и овозможи соработка со нови меѓународни фондови и институции кои фестивалот ќе го подигнеа на многу повисоко ниво.

На минатото собрание, од друга страна, претседателот на ДФРМ, Роберт Насков даде само устен извештај за финансиското работење на Друштвото, во форма на кратко резиме дека ДФРМ минатата година „имаше некакви приходи“ и дека „малку средства останаа за да се покријат некакви трошоци“. Е, така работат и ги формулираат своите финансиски активности овие наши колеги! Без приложен документ или конкретни суми, иако минатата година во ДФРМ на име на неколку проекти беа доделени огромни финансиски средства.

На минатото собрание одржано пред повеќе од еден месец беше побарано претседателот на ДФРМ да достави писмен извештај, но тој ниту еден месец подоцна не го направи тоа.

Токму заради ваквото поставување на работите, изненадуваат постапките на раководството на ДФРМ кои во последниве години кои како да го приватизирале ова здружение. Нема никаква транспарентност во работата, се крие бројот и контактите на членството, исто како што се кријат информациите за финансиското работење на ова здружение. Поради тоа „муљање“ со членството, до скоро ( до Собранието од 09. Март 2016) немаше ни регистриран статут и членство во Централен регистер, иако тоа била обврска на сите здруженија уште од 2012 –тата година.

Главната цел на оваа група узурпатори на ДФРМ беше да ме дискредитираат како директор на фестивалот и да го прикажат како неуспешно последното издание на „Браќа Манаки“. Иако во минатите шест месеци од завршувањето на фестивалот никој не даде негативна оценка за фестивалот и ниту еден медиум не пренесе таков впечаток за време или по завршувањето на фестивалот, оваа дружина сака да го претстави последното издание како најлошо во историјата.

Правилникот вчера е изгласан и покрај мојот аларм дека содржи детаљи кои го оневозможуваат функционирањето на годинешното издание. Од друга страна, никој во последните години, а можеби и децении не дал толку детален и транспарентен извештај базиран на сработеното. Јас на своја кожа ја осетив „добрата намера“ на главните играчи во ДФРМ да не прифаќаат директор на фестивал кој не зема хонорар, само за да не остави никакви долгови. Друштвото на филмските работници лани ме избра со програмата за проширување на фестивалот со која аплицирав за директор на фестивалот, а со која аплициравме потоа и пред домашните институции кои финансиски го поддржуваат фестивалот. Тоа проширување во денови, програми и активности беше причина да добиеме поголем буџет. Сега одеднаш таа програма и детаљниот извештај за работата на фестивалот не е прифатен.

Годинешната програма е само континуитет на ланските активности, заради кои сум избран со мандат од две години и произвела и произведува дејство. Програмата беше одобрена од ДФРМ. За неа веќе се одобрени пари од Агенцијата за филм на РМ. Со истата е конкурирано пред странски фондови. Со истата е конкурирано и пред МЕДИА програмата за поддршка на Фестивалот.

Фестивалот веќе има потврдено важни партнери кои застанале посебно зад новите програми. Со нивно исклучување или доведување на ниво на ревија, фестивалот ќе може да ги изгуби партнерите што веќе ги добил, но, пред се може да го изгуби реномето. Фестивалот веќе има потврден мониторинг за категоризација во групата на светски фестивали од Б-категорија, а без аплицираната програма, тоа ќе падне во вода. Фестивалот заедно со градот Битола, требаше оваа година да биде и организатор на Годишното собрание на ИМАГО (Светската асоцијација на национални здруженија на кинематографери во повеќе од 80 земји).

Оваа одлука на сегашните властодршци во Друштвото, говори дека тие сакаат да го уништат фестивалот и да го обезличат пред партнерите и европските институции. Затоа, се поставува прашањето – дали ДФРМ треба да е носител на една ваква важна манифестација!?

Фестивалот ИФФК „Браќа Манаки“, сепак, има многу пошироко општествено значење, не само за филмаџиите, за него мора да има поширок општествен интерес и никој смее да го сведе на перфидни или политички игри „со добри намери“.

Фестивалот ИФФК „Браќа Манаки“ припаѓа на сите, не само на ДФРМ, не само на Битола, не само на Македонија. Фестивалот ИФФК „Браќа Манаки“ е меѓународно најстар и најзначаен фестивал за креаторите на филмската слика. Дали „Браќа Манаки“ треба да биде оставен сам на себе пред неколкумина интриганти и фабрикувачи на „политика“ во ДФРМ?

Сега, кога се случи нивната одлука, настанува конфликт со сите страни кои досега имаат одобрено или потпишано договор за давање финансии за фестивалот за 2016 година. Ова е особено релевантно за државните органи кај нас, кои подлежат на строга финансиска контрола и ревизија.

Новиот правилник, ниту јас, ниту кој и да е нормален човек, не може да го прифати, ниту делумно, ниту во целост, затоа што се донесува во време кога ИФФК „Браќа Манаки“ веќе има добиено средства од Агенција за филм на Македонија за програма со која е веќе аплицирано и кога градот Битола повторно не поддржал за активностите кои ќе се одржат годинава. Со новиот правилник таа програма е оневозможена. ДФРМ со оваа одлука се става над институциите кои го финансираат фестивалот. Според овој нов правилник, дури е оставена можноста фестивалот да не се организира во градот Битола!

Што се однесува на 36. издание, сметам дека – не само што го направивме подобро, побогато и поразновидно туку во исто време отворивме и воспоставивме стандарди за негова поголема меѓународна афирмација. Со целиот тим работевме транспарентно и чесно. Независно и без политика. Бев првиот директор во последните десетина години кој буџетот го стави на увид на секој ангажиран поединец на Фестивалот и го зближив тимот. Работев со полна пареа со срце и се гордеам со сработеното. Среќен сум што огромен број гости и пријатели на филмот ги препознаа тие позитивни промени на последното издание, но истовремено и тажен што оваа дружина, која како што вели нејзиниот претседател, „не влегува во турбо-фолк комуникација“, остава зад себе, со своите дела и своите постапки турбо-фолк последици.

Во исто време, на истиот претседател и неговите најблиски соработници, сакам да му возвратам на убавите желби кои ми ги упатил, посакувајќи му повеќе успеси со неговите филмови и уште побериќетни финансиски години!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top