На шест месеци пред почетокот на најзначајниот фестивал на снимателите, Димитар Николов – Таки беше избран за нов директор на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Николов е продуцент и дистрибутер повеќе од 30 години и во неговото портфолио стои дека бил на менаџерски позиции во многу странски фирми, работел и како продуцент на играни, телевизиски, документарни и на кратки филмови, а продуцирал и театарски претстави. Сопственик е на продуцентската и дистрибутерска фирма „КТ филм и медија“. Сега е исправен пред нов предизвик, 36. издание на фестивалот „Браќа Манаки“, кој првпат ќе трае десет дена, од 18 до 27 септември во Битола.
Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ оваа година се одржува од 18 до 27 септември. Кои се новините што ги подготвувате за новото издание на фестивалот?
НИКОЛОВ: Традицијата и фактот дека нашиот фестивал прв во светот почна да ја чествува работата на директорите на фотографија ме мотивираа да понудам програма што ќе се заснова на веќе препознатливите резултати и на некои новитети. Најголема новина и предизвик е тоа што фестивалот ќе трае десет дена. Подолг фестивал подразбира и многу дополнителни активности – работилници, мастер-класи, студентски активности и забави низ градот, но и нови натпреварувачки програми – Нов европски филм и Камера на ЈИЕ, со поголем акцент на новите европски автори и сниматели од регионот.
Од 1978 година, кога почнал како средби, односно смотри на поранешните југословенски сниматели, денес „Манаки“ е еден од водечките фестивали на филмска камера во светот. Ќе продолжи ли успешната приказна на фестивалот?
НИКОЛОВ: Да верував поинаку, немаше ниту да се впуштам во овој голем проект. Иако мојот избор се случи прилично доцна и со мојот тим ќе имаме помалку од шест месеци за да го подготвиме 36.издание, силно веруваме дека сме на добар пат да го зачуваме името на големите браќа и да направиме чекор напред. Годинава одбележуваме 110 години творештво на браќата Манаки, годишнина што ја искористивме за да се промовираме и во Кан. Имајќи можност таму да се сретнам со многу претставници од филмскиот свет, почувствував дека нашиот фестивал е многу почитуван и дека таа приказна не смее да биде поинаква од успешна. Тоа го правиме заедно со нашите пријатели, а најзаслужни се Агенцијата за филм, која ни го зголеми буџетот годинава, партнерот „Вип“, кој по шести пат верува во нас, огромната поддршка од Град Битола и од другите спонзори.
Во последните неколку години на свеченото отворање на Фестивалот премиерно беше прикажуван македонски филм. Дали ќе се случи тоа и годинава?
НИКОЛОВ: Како најзначаен домашен фестивал имаме и чест и обврска да ги поддржиме нашите филмови. Што може да биде поголемо внимание за еден македонски филм од премиера на „Браќа Манаки“? Погледнете ги големите фестивали во Европа, Италијанците на Венеција, Французите на Кан, Германците во Берлин, сите големи регионални фестивали ги промовираат своите филмови со светски премиери. Ќе имаме македонски премиери на фестивалот, а деновиве дефинираме дали ќе биде некоја од нив и на отворањето или затворањето. Ние веќе ги поканивме сите продуценти што планираат премиери годинава, сега од нив зависи колку сакаат да соработуваат.
Публиката на фестивалот, но и битолчани се научија во септември да бидат домаќини на големи филмски ѕвезди и на врвни директори на фотографија. Дали фестивалот ќе го задржи тој тренд оваа и следните години?
НИКОЛОВ: Битола и нашиот фестивал, благодарение на големата страст кон работата на селекторот на главната програма Благоја Куновски – Доре и на сите мои претходници, биле домаќини на најзначајните директори на фотографија, ама и филмски уметници, воопшто. Радува што листата на клубот на великаните од година в година станува сѐ пообемна и денес не треба многу да објаснуваме кои сме кога каниме некого на гости. Последните години госпоѓата Лабина Митевска направи одличен потег со ѕвезди како Хана, Ипер, Денев, Абрил, Бинош. По истата линија ќе се движиме и ние и ќе ги бележиме сите вредни имиња на филмот.
Дали македонските филмаџии и студентите што се занимаваат со филм ќе бидат поприсутни на фестивалот?
НИКОЛОВ: Ќе се трудам фестивалот да не биде само ревија. Филмот е само повод за во тие десет дена да ги мотивира публиката, професионалците и студентите да се упатат кон Битола и таму да си најдат предизвик, да учествуваат на работилници, да научат нешто ново, да споделат искуства, но, и уште поважно, да си отворат нови врати за идни проекти. Фестивалот годинава потпиша меморандум за соработка со 13 универзитети од ЈИЕ и како гости ќе имаме повеќе од 70 најдобри студенти од факултетите за драмски уметности. Спојот на ентузијазмот што го носат и искуството и квалитетот на врвните филмаџии што ќе ни бидат гости ќе овозможат многу нови средби и, се надеваме, многу нови проекти што ќе тргнат токму од Битола. Затоа, ги повикуваме нашите професионалци и љубителите на филмот да дојдат и со нас да вкусат колку е убав филмот.
Колку филмови вкупно ќе бидат прикажани на фестивалот? Што би ѝ препорачале на публиката, кои филмови да не ги пропушта?
НИКОЛОВ: Секако, да не ги пропушта македонските филмови. Годинава имаме дури 13 програми, со повеќе од 100 наслови. Ветуваме одлични наслови од големите филмски фестивали, од сите континенти и од повеќе од 40 земји. Публиката, сигурно, нема да сака да ги пропушти „Мојата мајка“ на Нани Морети, „Магбет“ на Џастин Курцел или „Сикарио“ на Дени Вилнев, филмови што ја возбудија критиката во Кан. Исто така, би ги издвоил и научно-фантастичниот „Трошки“ на Шпанецот Мигел Љансо од „Нов европски филм“ или хрватскиот „Звиздан“ на Далибор Матаниќ (од Камера на ЈИЕ). Горди сме и со документарната програма – оттаму, би го издвоил „Прогнозерот“ на Маркус Фетер, кој само во септември ќе се прикажува на повеќе од 40 фестивали во околу 150 киносали.
Ќе ни го откриете ли специјалниот гостин за ова издание на „Браќа Манаки“? Позната ли е листата на учесници и на гости што ќе ја посетат Битола?
НИКОЛОВ: Ќе ве разочарам што ќе мора да се стрпите уште неколку недели за да го објавиме името на добитникот на специјалната награда „Златна камера 300“. Деновиве полека ги затвораме листите на гости во сите програми. Задоволни сме од одѕивот и од интересот и на филмските професионалци да дојдат на фестивалот. Сите лауреати годинава се големи ѕвезди и фестивалот уште еднаш ќе го потврди своето реноме.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Коста Дупчинов
(Интервјуто со Димитар Николов – Таки е објавено во 154. број на неделникот Република, 14.08.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.