| четврток, 6 декември 2018 |

За старите, заборавени сметки ќе се плаќа колку што се должи

сметки

Граѓаните можат да здивнат – за заборавените сметки за струја, парно, вода, телефон, кабелска и одржување згради ќе платат толку колку што должат. Со новиот закон за извршување, се предвидува вонсудска наплата, односно можност лицето да ја плати само сумата што ја должи во предвидениот рок и со тоа да ги избегне високите судски трошоци и блокада на сметката, пишува Нова Македонија.
– Со вонсудската наплата ќе се решаваат оние предмети што не го надминуваат утврдениот паричен лимит, и тоа за комуналните сметки (струја, парно, вода) до 6.000 денари и за телефон, кабелска и одржување на зграда до 2.000 денари. Тоа ќе значи дека доверителот пред да почне каква било постапка за тужење, со покана прво ќе се обрати до должникот, каде што ќе го повика да го плати долгот во рок од 15 дена. Ако долгот се плати во предвидениот рок, должникот нема да има никакви, односно ќе има занемарливи трошоци – вели Зоран Петрески, претседател на Комората на извршители на РМ.
Старите долгови им задаваа главоболки на граѓаните. За неплатена сметка од 3.000 денари сумата можеше да достигне и до 16.000 денари. Од овие пари трошоците за камати и судски такси изнесуваа околу 1.100 денари, за адвокатски и нотарски трошоци од 8.000 до 9.000 денари, извршителот наплаќа 2.500 денари, што значи сумата би била пет пати повисока од основниот долг.
– Со новиот закон тоа ќе се исклучи, но само ако долгот се плати во предвидениот рок. Ова значи за неплатена сметка за вода од 3.000 денари должникот преку извршителот ќе го плати долгот зголемен за занемарливи трошоци и камата што нема да бидат поголеми од 5 до 10 отсто од самиот долг. Но ако по истекот на рокот не ја плати сумата што ја должи, повторно се оди на постапка на тужење, која неколкукратно ќе ги зголеми трошоците – додава Петрески.

Донесувањето целосно нов Закон за извршување е во насока на прецизирање на законските одредби во делот на постапувањето на извршителите при спроведувањето на извршувањето, надминувањето на различните постапувања од страна на извршителите, како и пропишување јасни законски одредби за ефикасно спроведување на извршувањето. Законот ќе стапи во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе почне да се применува по четири месеци од денот на неговото стапување во сила.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top