Во изложбениот Салон 1 на Музејот на град Скопје, на 13 април 2016 година, во 13 часот, ќе биде официјализиран почетокот на проектот „АртЛинк 2016“, кој ќе собере на едно место ректори, декани, професори и студенти на осум универзитети и девет факултети во Република Македонија, кои во својата програма изучуваат креативни уметности.
Во иницијативата на Музејот на град Скопје се влучија Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот „Кирил и Методиј“, Факултетот за уметности на Државниот универзитет во Тетово, Ликовната академија на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, Факултет за графички дизајн на Универзитет „Климент Охридски“ во Битола, Факултетот за архитектура и дизајн на Универзитетот „Американ колеџ“ од Скопје, Факултетот за арт и дизајн на Европскиот Универзитет Република Македонија, Факултетот за мултимедија и дизајн на ФОН Универзитет од Скопје, Архитектонскиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ и Факултет за архитектура на МИТ Универзитетот.
На настанот ќе бидат свечено потпишани меморандумите за соработка помеѓу Музејот и Универзитетите, преку кои се отвораат нови можности и се иницираат проекти за соработка, дружење, универзитетски пракси и меѓународни презентации на работата на студентите, наставниот кадар и професионалците од креативните уметности. Во исто време, ќе бидат презентирани и дел од меѓународните активности на овој проект, како и нововоспоставената „Годишна награда за Плакат на Музејот на Град Скопје“.
На промоцијата ќе присуствуваат и други партнери на овој проектот, вклучувајќи го здружението на графички дизајнери „Плакарт“ и истакнатите македонски музички уметници браќата Тавитјан, кои ја обезбедуваат музичката поддршка на проектот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


