| четврток, 6 декември 2018 |

Концерт на хоровите „Про арс“ и женскиот младински хор при МКЦ

На програмата се дела на композиторите Маријана Јаневска, Никола Коларовски, Јана Андреевска, Теа Богатинова, Панде Шахов, наградени на Конкурсот за нови музички дела на Министерството за култура во 2014 и 2015 година, како и неколку праизведби на дела од Јане Коџабашија, Томе Манчев, Стојан Стојков и повеќепати изведуваните Ристо Аврамовски и Властимир Николовски

В среда, на 13 април, во фоајето на Македонската опера и балет (МОБ) во 20 часот ќе се одржи концерт на хоровите „Проарс“ и женскиот младински хор при Младинскиот културен центар (МКЦ).

На програмата се дела на композиторите Маријана Јаневска, Никола Коларовски, Јана Андреевска, Теа Богатинова, Панде Шахов, наградени на Конкурсот за нови музички дела на Министерството за култура во 2014  и 2015 година, како и неколку праизведби на дела од Јане Коџабашија, Томе Манчев, Стојан Стојков и повеќепати изведуваните Ристо Аврамовски и Властимир Николовски.

 

Професионалниот мешан хор „Про Арс“ е формиран од диригентот Сашо Татарчевски во 2011 година, по повеќегодишно делување во сферата на хорската уметност и анализа која укажа на недостаток на еден ваков ансамбл, кој професионално и пред сѐ квалитетно ќе одговори на потребите на музичката сцена во Р. Македонија.

Предностите на хорот станаа видливи уште во првата година од неговата активност, презентирајќи висок квалитет на изведбите, мобилност и можност за изведба на широк репертоар со различна жанровска определба. Посебен акцент и посветеност се дава на веќе постоечкото македонско хорско творештво, но и на поттикнувањето на младите автори за пишување нова хорска музика. Во своето четири годишно делување, хорот веќе оствари самостојни концерти со уметничка хорска музика, концерти на Денови на Македонска музика со праизведби на композиции од македонски и странски автори, концерт на Охридско лето,соработка со разни фондации и здруженија во реализирање концертни програми со хетерогена жанровска определба, како и студиски снимки за образовни програми и филмска музика во високобуџетни интернационални филмски остварувања.

Членовите на професионалниот хор „Про Арс“ се млади, мотивирани, вокално образувани хорски уметници, комплетно подготвени за ефективна и професионална работа.

Од своето формирање во 1972 па сé до денес, Женскиот младински хор е една од најпрепознатливите карактеристики на Младинскиот културен центар од Скопје. Изведувајќи огромен и разновиден репертоар, овој ансамбл покажа дека и аматерски пејачи можат да постигнат високо-професионални резултати.

Освен редовните концерти во Скопје, хорот учествува во разни проекти соработувајќи со други ансамбли и млади композитори. Како резултат на таквата соработка во последниот период беа издадени две ЦД-а – „Дискреирање на мантра“ и „ФИРОМ реквием“ со снимки од праизведбите на нови композиции од Александар Пејовски во изведба на Женскиот младински хор, камерен оркестар, удиралки и лента под диригентство на Сашо Татарчевски.

Во изминатите 44 години хорот освоил многу награди и признанија на домашни и меѓународни натпревари и фестивали, промовирајќи се во вистински културен амбасадор на Република Македонија. Само воизминатите 5 години можат да се издвојат низа успешни меѓународни презентации како турнејата низ Нормандија, пехарот на натпреварот „Бохуслав Мартину“ и наградата за најдобра изведба на обврзна композиција во Чешка, првата награда во категоријата за стандардна хорска програма и првата награда во категоријата за фолклорни хорски обработки во Хрватска, втората награда на натпреварот на музичката академија „Фредерик Шопен“ во Варшава, првото место во категоријата камерни женски хорови на европските хорски игри во Грац, двете втори награди на интернационалниот натпревар „Краковиа Кантанс“ во Краков, како и златна диплома и две специјални награди на натпреварот „Ливиу Борлан“ во Баја Маре, Романија.

Сашо Татарчевски дипломира и магистрира на ФМУ Скопје, а посетува и мајсторски курсеви кај познати диригенти во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Сартеано и Санкт Петерсбург.

Проектот е финансиски поддржан од Младинскиот културен центар од Скопје и МОБ.

Влезот е слободен.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top