Здружението на ликовни критичари АИКА Македонија распишува јавен повик за пријавување на истражувачки проекти од областа на ликовната критика, историјата на уметност и кураторските и интердисциплинарните практики во Македонија за Годишната награда „Ладислав Баришиќ”…
Наградата има за цел да понуди можност за промислување на третманот и позициите на ликовната критика и на критичкото пишување, за појавите и тенденциите во современите визуелни уметности и теоријата на уметноста.
Наградата го носи името на Ладислав Баришиќ (1941-1991), ликовен критичар и историчар на уметност, кој во рамките на ликовната публицистика беше активен во периодот од 1972 до 1986 година.
Право на учество имаат историчари на уметноста, критичари, теоретичари, интердисциплинарни истражувачи и други профили на креативни автори поврзани со ликовните и визуелните уметности во Македонија (освен членовите на У.О. на АИКА Македонија).
Кандидатите треба да се државјани на Република Македонија или пак странски државјани кои живеат и работат на територијата на Република Македонија повеќе од една година.
Конкурсот е отворен во периодот од 11-ти април, до 10-ти мај 2016.
Истражувачкиот проект со кој се конкурира може да биде: – во иницијална фаза од истражувачкиот процес (напомена: предложените истражувачки проекти може да се дел од магистерски, докторски и друг тип на индивидуални истражувања кои се во процес на идејна разработка. Притоа, услов за пријавување на истите е да не се објавени до денот на пријавувањето на конкурсот) – предлог за истражувачки проект со јасно образложена идеја, концепт и предвидени развојни фази на истражувањето.
Кандидатите треба да достават:
– опис на предложениот проект (1000 зборови)
– методологија на неговата реализација (1000 зборови)
– наративна биографија (250 зборови)
– CV на кандидатот (или доколку станува збор за група истражувачи на сите поединечни членови на истражувањето).
За изборот ќе одлучува трочлено стручно жири, при што на авторот на избраниот проект ќе му биде доделена и награда во висина од 30.000 денари во бруто износ. Наградениот проект треба да биде изработен и подготвен за јавна презентација во форма на предавање за годишниот симпозиум на АИКА Македонија планиран за ноември 2016 година.
Конечната верзија на текстот треба да биде реализирана до март 2017 година.
АИКА Македонија се обврзува да понуди лектура на македонски јазик и превод и лектура на текстот од истражувањето на англиски јазик (до максимум 10,000 зборови) и да го публикува на својот сајт. Доколку истражувањето има додатни визуелни и наративни сегменти истите ќе бидат адекватно претставени во контекст на завршниот текст.
Добитникот на наградата ќе биде известен најдоцна до 1 јуни, 2016 година.
Материјалите треба да се испратат на следната адреса: contact@aica-macedonia.org.mk со назнака за Годишната награда „Ладислав Баришиќ”.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.