Во вчерашните нереди со емигрантите, кои се обидоа насилно да влезат во Македонија од Грција, се повредени 23 макеоднски службеници од кои 14 полицајци и девет припадници на АРМ, оштетени се три возила на МВР и пет на АРМ, како и повеќе полициски штитови и друга опрема. Нема повредени службеници од меѓународните полициски сили кои се на границата за обезбедување на протокот на емигрантите, информира Министерството за внатрешни работи (МВР) преку соопштение во кое детално појаснува за вчерашниот инцидент на јужната граница. Според првичните процени, наведуваат од МВР, во нередите учествувале повеќе од 3.000 емигранти. Во текот на целиот настан, се вели во соопштението, грчките полициски службеници воопшто не интервенираа во спречување на нередите на граничната линија. Вчера, по претходно добиени сознанија дека околу 9.00 часот на Гранична камен 59 можно е да дојде до протести и обид за насилен и организиран илегален влез на емигранти на територијата на Република Македонија, беа преземени мерки за засилено обезбедување на државната граница кон Република Грција. Преземените мерки вклучуваа и засилено присуство на припадниците на МВР и на АРМ, како и на странските полициски службеници од Унгарија,Чешка,Србија,Словенија, Хрватска и Австрија распоредени на територијата на Република Македонија, чиишто активности се поддржани во рамки на специјалните мерки на ЕУ за поддршка на Република Македонија за соочување со емигрантската криза на јужната граница во светло на европската емигрантска криза – стои во соопштението.
Од МВР додаваат дека во 9.30 часот на граничен камен 59 дошле претставници од грчката полиција и побарале да се оствари средба помеѓу претставници на емигрантите и претставник на нашите гранични служби со цел на оваа средба мигрантите лично да се уверат околу гласините дека границата е отворена, односно мигрантите да се откажат од идејата за влез во Република Македонија. Во 10.15 часот, наведуваат, на Граничниот камен 59 дојдоа претставници од емигрантите, грчки полициски службеници и новинарски екипи. При тоа емигрантите се интересираа зошто државната граница е затворена и кога повторно ќе се отвори. Од страна на претставник на МВР им е одговорено на прашањата, по што емигрантите во 10.35 часот си заминаа и се повлекоа во грчкиот камп.
-Потоа во 10:50 часот поголема група на мигранти, помеѓу 1000 и 2000 лица, почнаа со насилни протести на 100-200 метри десно од граничен камен 59, со извикување, фрлање камења и разни предмети. Од страна на униформирани полициски службеници од МВР и АРМ веднаш е почнато со одбивање на мигрантите при што употребени се и хемиски средства солзавец. По половина час е пробиена заштитната ограда и група од 20 до 30 мигранти се обидоа илегално да влезат на територијата на Република Македонија, кои веднаш се спречени во намерата и вратени на територијата на Република Грција. Друга група мигранти, пак, според проценките меѓу 5001000 лица, се обидоа да направат пробивање на оградата и лево од граничен камен 59, со каменување кон нашите безбедносни сили. Во 14.00 часот поголем дел од мигрантите се повлекоа на 50-100 метри на грчка територија и состојбата делумно е ставена под контрола, со тоа што во тој период во функција се ставени и водени топови. Во 14.45 часот е добиена информација дека емигрантите подготвувале молотови коктели за да ги фрлат кон нашите безбедносни сили, при што е издадена наредба безбедноста да се подигне на највисоко ниво. Се до 18.00 часот група од стотина емигранти од грчка територија континуирано вршела каменување на нашите служби. Половина час подоцна, во 18.30 часот состојбата е нормализирана, а сите групи емигранти се повлечени во длабочина кон грчка територија- се вели во соопштението од МВР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
МВР потврди: Лице од битолско виновен за оштетените камења на македонско-грчката граница
-
МВР: Добивме потврда од унгарското министерство дека Никола Груевски е во Унгарија и дека побарал азил
-
Кривична пријава за загрозување на сигурноста и ширење ксенофобичен материјал на социјални мрежи
-
МВР не знае колку малолетници се исчезнати во државата: Каква статистика води полицијата за исчезнатите лица?