Државната опера и балетот од Измир, Турција вечерва во Македонскиот народен театар (МНТ) во 20 часот ќе настапи со извонредната претстава „Боите на танцот“ во кореграфија на Мехмед Балкан, а на музика на турскиот композитор Ерим Ардал и Ј. С. Бах, со дваесетина ексклкузивни танчaри.
Мехмед Балкан е еден од најзначајните кореографи, не само во Турција, туку и на европската танцова сцена. Мехмет Балкан, како млад танчaр, своевремено е добитник на награда на Светскиот балетски конкурс во Варна, по што развива светска танчaрска кариера и настапува и на сцената на „Метрополитен“ во Њујорк. Тој е долгогодишен уметнички директор, меѓу другото, и на Националниот балет од Лисабон, Португалија и, како кореограф има остварено соработка со гоем број значајни светски танцови ѕвезди и кореографи.
Во моментов е главен кореограф и раководител на Националните балети во Турција како дел од Директоријатот за култура во Анкара.
Инаку, во Турција постојат шест Државни опери и балети, кои се на исклучително високо уметничко и професионално ниво, со долгогодишна традиција.
Државната опера и балет од Измир е основана во 1982 година. Таа е една од најголемите уметнички институции во земјата, со голем број продукции. Оваа уметничка куќа ја промовира уметноста на танцот во својот регион и е предводник во запознавање на пошироката публика со танцот. Балетот при Државната опера и балет од Измир, има остварено голем број на турнеји во Турција, но и надвор од неа, секогаш со голем успех, заради високиот уметнички квалитет на продукциите и на танчерите. Нивните извонредни продукции се прикажуваат во Кипар, Германија, Италија, Франција, Шпанија, Кина, Босна и Херцеговина, Јапонија, Пакистан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.