Германската режисерка Маријана Шефер Тренч го споредува Доналд Трамп со Адолф Хитлер и предупредува на опасноста која му се заканува на светот ако републиканецот стане претседател на САД. Шефер Тренч во авторски текст за Дејли бист пишува дека отсекогаш се прашувала како можеле Германците да гласаат за Адолф Хитлер.
Слушајќи го Трамп, потенцијалниот кандидат на Републиканската партија за претседател на САД, вели дека сега ѝ е јасно како дошло до тоа.
Двајцата имаат „неверојатна моќ да го подредат својот народ на својата волја“, анализира режисерката.
Таа вели дека нејзините предци како и сите Германци во 30-тите години на минатиот век морале да докажат дека се „чистокрвни Ариевци“, зашто во спротивно ќе останеле без работа.
Вели дека иако многумина од нив потоа не сакале да признаат дека гласале за Хитлер, го правеле тоа, затоа што морале или затоа што биле изманипулирани.
„Баба ми гласала за Хитлер и не била нешто посебно загрижена за неговиот антисемитизам. Верувала дека навистина постојат некои зли Евреи и дека Хитнер всушност би можело да биде добар за државата. Но, кога нејзините пријатели Евреи дошле во опасност од депортација, не можела да сфати зошто луѓе кои никого не повредиле треба да бидат казнети. Тогаш ги криела пријателите Евреи на таванот. Но, веќе било предоцна.“
Иако економската ситуација во денешна Америка се разликува од онаа во тогашна Германија, постои можност на власт да дојде демагог со непорекливи сличности со Хитлер, особено во поглед на ксенофобичните ставови.
Трамп најави дека сите муслимани жители на САД ќе мора да носат посебни идентификациски картички, а влез во земјата нема да им биде дозволен на муслимани од странски држави.
Евреите во нацистичка Германија морале да носат видливи жолти ленти со Давидова ѕвезда.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.