| четврток, 6 декември 2018 |

Падна митот за Барселона, Баерн ги декласира Каталонците со 4-0

Падна митот за Барселона и тоа во Минхен, а Баерн слави блескава победа од 4-0 во првиот полуфинален меч од Лигата на шампионите. Баварците го декласираа противникот и со огромна предност ќе гостуваат на „Камп Ноу“ во реваншот што е закажан за 1. мај.

Томас Милер со два гола, и Марио Гомез и Арјен Робен со по еден погодок ја демолираа големата Барселона. Ваков тежок пораз во европските купови не паметат ни постарите симпатизери на каталонскиот клуб, кој беше апсолутно немоќен вечерва во Минхен.

Баерн беше разигран од самиот старт. Одлучноста, агресивноста и убавите потези ги имаше само на едната страна, во режија на извонредните германски шампиони. Резултатот го отвори Милер по асистенцијата на Данте, па на напаѓачот на Баерн, не му беше тешко од близина да ја погоди мрежата на Виктор Валдес во 25. минута. Гостите се обидоа да ја играат својата препознатлива игра од нога до нога, но пресингот на Баварците ги разби нивните планови. Меси кој беше неизвесен за настап поради повреда, не се виде на теренот. Доминираа Робен, Рибери, Милер, Гомез и сите останати играчи од домашниот табор.

Во второто полувреме катастрофа за гостите најави Марио Гомез со гол во 49. минута. Маките на Барса се зголемија по двата погодоци во финишот. Робен погоди за 3-0 во 73 минута, се чини по фаулот на Милер над Жорди Алба, а Каталонците ги докусури Милер со уште еден гол во 83. минута.

Утре е вториот дел од германско-шпанското полуфинале, во Дортмунд, каде Борусија ќе му биде домаќин на Реал Мадрид.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top