| четврток, 6 декември 2018 |

Барса губи, Реал и Атлетико „ѝ дишат во врат“, Роналдо влезе во историјата (видео)

messi-barca-real-sociedad

Во шпанската Примера Дивизија викендов се игра 32. коло.

Нов пораз на Барселона, втор во низа. Екипата на Луис Енрике дефинитивно не е во добра форма во моментов. Три кола е без победа.

Барса денес беше совладана на незгодното гостување кај Реал Сосиедад со 1-0 и тоа со гол постигнат во 5. минута од натпреварот. Стрелец на единствениот гол беше Ојарзабал, кој со глава го совлада Браво.

По оваа криза на Барса, во прашање е доведено и нивното прво место на табелата – мадридските екипи Атлетико и Реал, по денешните победи, сега заостануваат само за 3, односно 4 бодови зад каталонската екипа.

 

Реал Мадрид на домашен терен го декласираше Еибар со 4-0, резултат кој секако ќе го подобри расположението во тимот пред важниот реванш-меч следната недела против Волфсбург во Лигата на Шампиони, каде „кралевите“ имаат негатива од два гола.

ronaldo-goal-real-eibar-090416

Натпреварот го одбележа Кристијано Роналдо, не само поради одличната игра, туку и поради големото достигнување – тој е првиот играч во историјата кој успеал во шест сезони по ред да постигнува 30+ голови во сезона. Навистина импресивно достигнување.

Интересно е и што сите четири гола беа постигнати во првото полувреме.

Родригес по одлично изведениот слободен удар од 17 метри во 5. минута го постигна првиот гол за Реал. Во 18. минута Роналдо одлично асистираше до Васкез кому не му беше тешко да го совлада гостинскиот голман за водство од 2-0.

Минута подоцна Роналдо влегува во историјата, откако во контра напад доби топка од Хесе, а Португалецот ја спроведе во противничката мрежа.

Четвртиот гол го постигна Хесе, а повторно во улога на асистент беше Роналдо.

 

espanyol-atletico-madrid-090416

Атлетико Мадрид славеше на гостувањето во Барселона против Еспањол со 1-3, иако домашниот тим прв стигна до погодок. Папе Диоп во 29. минута беше стрелецот на единствениот гол за Еспањол. Но, кратко траеше водството, шест минути подоцна Торес израмни, а во второто полувреме Гризман погоди во 52. минута за целосен пресврт, а асистентот на првите два гола, Коке го постигна третиот гол за конечни 1-3.

 

Резултати:
Реал Мадрид – Еибар  4-0
Еспањол – Атлетико Мадрид  1-3
Реал Сосиедад – Барселона  1-0
Бетис – Леванте  1-0

Табела:
Барселона 76
Атлетико Мадрид 73
Реал Мадрид 72
Виљареал 57
Селта Виго 49
Атлетик Билбао 48

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top