СДСМ и коалициските партии денеска потпишаа Платформа за демократска Македонија, со која се обврзуваат да дејствуваат во одбрана, како што велат, на правдата, вистината и иднината.
По потпишувањето претседателот на СДСМ, Зоран Заев, истакна дека во Македонија ќе се одржат регуларни, фер и демократски избори откако ќе се надминат клучните проблеми преку прочистување на Избирачкиот список, спроведување реформи на медиумите и прекинување на притисоците врз гласачите.
Медиумите во Македонија, како што рече, може да се ослободат само преку реформи кои ќе обезбедат професионално, избалансирано и независно работење на медиумите.
– За вистинска и бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот потребно е целосна поддршка на работата Специјалното јавно обвинителство, рече Заев. Додаде дека се потребни департизирана полиција во служба на граѓаните, независна агенција за борба против корупцијата, силно граѓанско општество, департизација и деполитизација на државните институции, независно судство…
Лидерот на опозицијата ги повика сите граѓани, граѓански организации и политички партии да ја поддржат Платформата и да не учествуваат, како што рече, на нелегитимни избори.
Платформата ја потпишаа СДСМ, НСДП, ЛДП, Обединети за Македонија, Партијата за движење на Турците, Партијата за целосна еманципација на Ромите, Демократски сојуз на Власите во Македонија, Санџачка лига, Српска странка во Македонија, Движење за национално единство на Турците во Македонија, Нова алтернатива, ПЕТ 21, Партија за обединети пензионери и граѓани и Граѓанско либерална партија.
Одговарајќи на новинарско прашање за прочистувањето на Избирачкиот список, Заев рече дека вкупната бројка на лица што треба Државната изборна комисија да ја провери е 232.715.
Во врска со решенијата потпишани од министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски и за труд и социјална политика Фросина Ременски, а кои беа поништени од Владата, Заев рече дека тие можат да бидат обжалени пред Државната изборна комисија и Управниот суд од лицата на кои тие се однесуваат.
За СЈО, рече дека доколку ова обвинителство биде уништено и ги врати материјалите, тој ќе продолжи да објавува прислушувани телефонски разговори.
– Верувам дека СЈО ќе ја продолжи својата работа согласно Устав и закон, и дека неговата работа не може со ништо да биде попречена, рече Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.