| четврток, 6 декември 2018 |

Бедемот пред голот на Македонија, Јоноски – Маркоски е подготвен за борба

Полска и Македонија одиграа еден од највозбудливите натпревари на Европското првенство во јануари, а се радуваа Полјаците. Тогаш натпреварот беше решен во неколку секунди, а нерешлива енигма беше пикерот на полјаците Камил Сипжак. Сепак покрај соиграчот на Кире Лазаров од Барселона, полската репрезентација има и одлична надворешна линија и феномеланлни бекови.

Нашиот бедем пред голот на Ристовски, стружаните Јоноски и Маркоски се подготвени за секој предизвик и најавуваат дека овојпат Полска нема лесно да стигне до чисти удари кон нашиот гол.

Беа пред четири години во Гетеборг, кога Македонија првпат застана на прагот на едни Олимписки игри и поучени од тоа сега планираат да се остават себеси на терен за да ја остварат целта.

– Секако дека сме мотивирани, ова е голема шанса, која не смее да се пропушти – вели Маркоски.

– Да, не смее да ни се повтори тоа што се случи во Гетеборг. Сега влегуваме уште поискусни, знаеме веќе како оди три дена, три натпревари, тешко е со висок интензитет – додаде Ацо Јоноски на тренингот пред мечот со Полска, кој ќе почне вечерва во 20.30 часот.

И тоа не им е првпат, досега трипати влегувале борбена „прегратка“ со полските ракометари, а поразени беа само еднаш, во јануари. Тогаш најмногу проблеми им правеше „џинот“ на линијата од шест метри, 208 сантиметри високиот Камил Сипжак. Постигна шест гола од шест обиди.

– Знаеме дека во Полска е најопасен Јурецки и неговата соработка со пивотот, Сипжак. Тие двајца би ги издвојил, зашто и на ЕП во Полска ни правеа доста проблеми – истакна Маркоски.

– Видовме некои видеа од пријателските на Полска, ја анализиравме таа игра со пикер, два на два и имаме догворо што треба да направиме, ама мора да се испочитува и се надевам дека ќе вроди со плод. Сега ништо нема да откриваме – потенцира Јоноски.

Нивната работа никако не е благодарна. „Јадат ќотек“, се изложуваат на опасност, не се јунаците кои ги постигнуваат головите, дури понекогаш излегуваат виновници ако добијат исклучување.

– Одбраната е таква, секогаш има дуел-игра, постојано треба да мислиме за секој напаѓач, која финта би ја направил, од каде би шутнал. Не е така едноставно како што изгледа. Е сега, казната од 2 минути доаѓа, составен дел од играта, ама ќе гледаме да ја сведиме на минимум – вети Јоноски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top