ДИК продолжува со засилено секојдневно темпо на работа да се запазат роковите кон подготовките на Избирачкиот список за изборите на 5 јуни, пренесува Телеграф.мк. За таа цел првите луѓе на ДИК Александар Чичаковски и Реџеп Прекопуца беа на средби со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и со европскиот амбасадор Аиво Орав.
Субхи Јакупи, кој е член на ДИK, вели дека продолжуваат со сите тековни работи поврзани со Избирачкиот список.
– Секојдневно одржуваме состаноци поврзани со проверката на списокот на гласачи од теренската и административната проверка. Проверката ќе може да се прави сè до 15 април кога списокот се затвора и кога МВР треба да ни ја достави конечната листа – објаснува Јакупи.
По усвојувањето на заклучокот од теренската, вкрстената и административната проверка, прв чекор е да се донесе одлука на кој начин ќе се постапува со оние околу 40.000 лица кои од каква било причина не учествувале во теренската проверка. Комисијата ги повика тие самите да се пријават во подрачните единици, но малку е веројатно дека тој апел ќе го послушаат.
Но целата работа ја кочи МВР, кое административно треба да провери околу 70.000 граѓани што ги има во нивната база на податоци дека поседуваат важечки документи, но ги нема во ни една друга база. Проверката оди бавно и досега МВР проверило само десетина илјади лица.
Во ДИК, исто така, будно ја следат состојбата поради најавата на СДСМ дека ќе ги бојкотира изборите и дека е можно да ги повлече своите членови во Комисијата, Игор Милев и Виолета Дума.
Експерти уверуваат дека дури и да дојде до такво сценарио, ДИК може да работи и да донесува одлуки, а нивното место ќе го заземат замениците во Комисијата.
– Во тој случај ДИК може да функционира нормално и да носи одлуки, а нивното место може да го заземат замениците во Комисијата. Постои и можност Собранието да се свика и да изгласа членови на ДИК од другите партии – објаснува професорот Оливер Андонов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.