Политичките лидери имаат одговорност пред нивните граѓани да ја вратат својата земја на евро-атлантскиот пат, со имплементирање на политичките договори и итните реформски приоритети, наведуваат амбасадорите на САД и на Европската Унија во Македонија Џес Бејли и Аиво Орав во заедничка изјава во врска со текот на подготовките за изборите.
– ЕУ и САД ги поддржуваат сите партии и други учесници во нивната работа да се создадат услови за кредибилни избори. Ова вклучува прочистување на избирачкиот список, спречување на какви било видови притисок врз гласачите и обезбедување фер медиумска покриеност. Одреден напредок беше направен на овие фронтови, но останува значителна работа. Одговорноста да се подготват кредибилни избори не е само на државните институции туку и на политичките партии. Шести април беше пропуштена можност. Заедно со другите меѓународни партнери, ЕУ и САД ќе продолжат да го поддржуваат демократскиот развој, вклучително и изборите. Ја поздравуваме работата на Државната изборна комисија и напорите на граѓанскиот сектор во постигнувањето на оваа цел. Ќе продолжиме одблиску да го следиме развојот на настаните и да ги споделуваме нашите погледи, пишува во заедничката изјава на амбасадорите Орав и Бејли.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.