| четврток, 6 декември 2018 |

Вечните министри од ДУИ вечно на државен грб: По 10 години министерување Џафери, Адеми и Бесими цела година ќе земаат апанажа

Половина од поранешните министри и заменици-министри од ДУИ уште една година ќе бидат на државни јасли, бидејќи ќе го остварат законското право да земаат плата и по престанувањето на функцијата, познато како апанажа, пишува Дневник.

dzaferi besimi ademi

На апанажа ќе бидат таканаречените вечни министри Муса Џафери, Абдилаќим Адеми и Фатмир Бесими. Надомест во висина на платата што ја примале ќе земаат и тројца од четворицата досегашни заменици Земри Ќамили, Неметула Халими и Ардијан Џеладини. Од претходниот состав на ДУИ на „Илинденска“, Беким Незири, Љирим Шабани и Иљми Селами ќе се вратат на старите работни места, а нема информации што ќе работат Аднан Јашари и Нурхан Изаири.

Муса Џафери и нема работно место во Македонија на кое би се вратил, зашто откако ДУИ стана дел од владата во 2002 година, тој е министер или вицепремиер во сите владини состави, освен во периодот кога ДПА беше дел од власта. Според биографијата на Џафери, пред да дојде во Македонија и да стане вечен министер имал петгодишно работно искуство како педагог-андрогог во Луцерн, Швајцарија.

Иако долго министеруваше во повеќе владини состави, Фатмир Бесими во 2001 година работел во Дирекцијата за истражување во НБРМ, бил и директор на ЈП за аеродромски услуги, па вицегувернер на Народната банка. Последниве 12 години Бесими е министерво повеќе владини ресори – економија, одбрана, европски прашања.

И на третиот од тимот вечни министри, Абдилаќим Адеми, работниот стаж му тече од 2002 година, и тоа како пратеник, член на бордот на директори во а.д. ГА-МА – Скопје, па асистент на ДУТ, а од 2007 до 2008 е во ЈП „Геоинженеринг“ – Тетово, па вицепремиер за Рамковниот, па министер за животна средина и за образование.

Од вечните министри само Адеми изјавил за Дневник дека по оставката од функцијата нема работно да се ангажира.

– Ќе одморам малку. Целосно ќе ѝ се посветам на функцијата генерален секретар во партијата и ќе ги завршам студиите, докторанд сум на Техничко-металуршкиот факултет при УKИМ, вели тој во изјавата.

Џафери и Бесими не коментираат кaде се гледаат професионално во иднина.

Од поранешните министри Нурхан Изаири четири години бил проектант во Швајцарија и од 1993 година основал проектантско биро во Тетово. Од 2012 до 2014 година бил и заменик-претседател на Комисијата за брани при Министерството за животна средина и просторно планирање и заменик-претседател на Надзорниот одбор во Дирекцијата за патишта. Нема информации што ќе работи сега.

На апанажа ќе бидат и Земри Ќамили, Неметула Халими и Ардијан Џеладини.

Ќамили речиси цел работен стаж од 1980 година бил во МВР – од полицаец, заменик-командир, главен инспектор, заменик-директор во БЈБ до директор во Агенцијата за управување на одземениот имот.

Халими бил сопственик на приватно градежно претпријатие, професор во средно, советник во Министерството за транспорт и директор на ЈП за стопанисување со објектите за спорт.

И Џеладини откако работи, односно од 2008 година, е во владата како вработен во повеќе ресори.

Kомисијата за прашања на изборите и именувањата вчера попладне требаше да им ги одобри апанажите на шесте поранешни функционери од ДУИ. Претседателот на Kомисијата, Зоран Илиоски, потврдил за весникот дека добил барање од шест функционери за апанажа и оти во зависност од тоа колку време биле на функција, ќе им се одреди и времетраењето на апанажата.

Избраните и именувани функционери имаат законска можност по престанувањето на мандатот да примаат надомест во висина на платата што ја добивале додека биле на функцијата во времетраење од најмногу една година доколку не засноваат работен однос во меѓувреме. (целиот текст прочитајте го во Дневник)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top