Социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Јутјуб“, по правило, за релативно кусо време ги отстрануваат од својата мрежа содржините за кои реагираат поединци или одредени државни институции. Затоа, мошне чудно е како на нив, цели четириесетина дена од нивното објавување, сè уште може да се слушаат илегални и незаконски снимени прислушувани разговори на македонските граѓани – пишува Дневник.
Ова и од причина што нивното отстранување бара и најофицијална државна институција каква што е Министерството за внатрешни работи. Излегува дека постои одреден курцшлус меѓу овој државен орган и
надлежните служби од овие социјални мрежи. Ова го сметаат добрите познавачи на процедурите кога е во
прашање отстранување спорни содржини, а кои на овие две мрежи ги објавуваат најчесто непознати лица.
Откако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски минатата недела откри дека тие уште пред
четириесетина дена побарале да се отстранат снимките на прислушуваните разговори, во јавноста нема
објаснување зошто снимките уште можат да се слушаат.
– Kога зад барањата за отстранување на снимките, фотографиите и слично стојат државни институции, тогаш постапувањето на надлежните од „Фејсбук“ и „Јутјуб“ е побрзо. Таквите барања се прифаќаат и тие веќе не можат да се слушаат и гледаат. Во случајот навистина е чудно како цели четириесетина дена снимките сè уште стојат на овие социјални мрежи – вели соговорник на „Дневник“ кој сакал да остане анонимен.
Тој се сомнева дека постои одреден проблем во комуникацијата меѓу МВР и овие две големи светски социјални мрежи, односно дека нешто не е во ред или со нашето барање или со однесувањето на надлежните од мрежите.
Без одговор од „Фејсбук“ и од „Јутјуб“ останаа и прашањата што „Дневник“ ги испрати до нивните служби
задолжени за односи со медиумите. Нашите прашања се однесуваа на тоа зошто снимките се` уште не се тргнати од нивните веб-страници, дали МВР тоа го побарало од нив и дали барањето за отстранување на содржините е поднесено според предвидената процедура.
Познато е, првиот приватен разговор, кој бил објавен прв на каналот „Јутјуб“ уште на 23 февруари, е на уредникот на телевизијата „Сител“, Драган Павловиќ – Латас и сопственикот на медиумот, Горан Иванов. Потоа на 26 февруари бил објавен разговорот меѓу Драган Павловиќ и Ивона Талевска, главен и одговорен уредник во дневниот весник „Вечер“, а последнава недела следуваа приватните разговори меѓу функционерот на ДУИ, Муса Џафери, и пратеничката Ермира Мехмети, како и меѓу првиот човек на скопска Kомерцијална банка, Хари Kостов, и Бранко Бојчевски, основач на агенцијата за обезбедување „Оса“. Бројот на граѓани што ги преслушале овие снимки секојдневно се зголемува, а за тоа сведочи и бројот на прегледите, кој се движи и повеќе од 200.000.
АПЕЛОТ ОД СЈО БЕЗ ЕФЕКТ
Минатата недела, по подолго чекање, специјалното јавно обвинителство конечно реши да отвори предистражна постапка за приватните снимки што се појавија на интернет.
– Најостро го осудуваме објавувањето материјали од приватни разговори кои изминатите денови се појавија на социјалните мрежи, а со кои се нарушува интегритетот, достоинството и моралот на определени лица. Објавувањето вакви материјали е кривично дело во согласност со членот 151 од Kривичниот законик и тој што неовластено прислушува или тонски снима разговор или изјава што не му е наменета ќе се казни со казна затвор од една до пет години, а со оваа казна ќе се казни и тој што ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушувана или тонски снимана, соопшти ова обвинителство.
Тоа ги повика сите субјекти што поседуваат незаконско прибавени аудио и друг вид разговори помеѓу одредени лица, да им ги достават во најкраток можен рок.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.