| четврток, 6 декември 2018 |

Реал Мадрид на колена пред Волфсбург (видео)

Фудбалерите на Волфсбург го приредија најголемото изненадување во првите четвртфинални натпревари од Лигата на шампионите, совладувајќи го Реал Мадрид со 2-0. „Кралевите“ носени на крилата од победата од 1-2 на „Камп ноу“ пред само неколку дена, се надеваа на нов триумф, но одиграа далеку под своите можности, воедно налетувајќи на максимално мотивиран противник кој знаеше како да ги искористи своите шанси.

Мечот сигурно ќе добиеше поинаков тек доколку беше признаен погодокот на Роналдо во втората минута, поништен поради сомнителна офсајд ситуација. Вака, Волфсбург го издржа почетниот налет на фаворитот, а германскиот состав потоа трпеливо ги градеше своите акции чекајќи шанса во шеснаесетникот на Кејлор Навас.

Ваквиот пристап им вроди со плод, па во 18. минута добија пенал по стартот на Кашемиро врз Шурле, а прецизен од белата точка беше Родригез. Реал уште беше во шок, а Волфсбург веќе зголеми на 2-0 преку Арнолд. За проблемите на Зидан да станат уште поголеми повреда заработи Карим Бензема, па „кралевите“ се обидоа да се вратат во мечот без класичен голгетер во своите редови. Тоа не им успеа, најубавата шанса ја пропушти Роналдо, додека на спротивната страна Шурле и Крузе испуштија идеални можности да зголемат и на 3-0.

Мечот заврши со заслужен триумф на Волфсбург, а на „кралевите“ е да се обидат на реваншот во Мадрид да слават со три гола и да се пласираат во полуфиналето, тешка мисија ако се знае дека најверојатно ќе бидат без Бензема во своите редови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top