| четврток, 6 декември 2018 |

Митов Нилсон: Повредата е минато, многу брзо ќе се вратам во препознатливата форма

david mitov nilson

По двомесечната пауза поради повреда, македонскиот репрезентативен голман Давид Митов-Нилсон се врати на терените токму со стартот на новата сезона во шампионатот на Шведска.

Норчепинг немаше славен старт со поразот од Малме од 3-1, но за Митов-Нилсон е најважно што повторно е меѓу диреците, на официјален натпревар по пауза од цели пет месеци.

– Не е лесно кога се соочувате со повреди во професионалната кариера, но тешкиот период е зад мене. Сега се чувствувам добро и мислам дека за брзо време повторно ќе бидам во старата препознатлива форма – вели Митов-Нилсон по дуелот со Малме.

25-годишниот голман дебитираше за Македонија во претходниот квалификациски циклус на дуелот со Белорусија во Борисов, а сега сигурно се очекува да биде на списокот на Игор Ангеловски за собирот и пријателските натпревари во мај.

– Останува сега да се концентрирам на настапите за клубот, и преку нив повторно да се вратам во ритам. Во првенството одиме повторно за висок пласман со Норчепинг, исто така желни ова лето за квалитетен настап во Лигата на шампионите, а тука е потоа стартот и на новиот квалификациски циклус со Македонија – вели Митов-Нилсон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top