Прилепскиот „Завод и музеј“ го почна обемниот проект за реевиденција на иконите, фрескоживописот и на црковната архитектура во регионот на Прилеп, Крушево, Кривогаштани и на Долнени.
Со проектот ќе бидат опфатени повеќе од 170 цркви.
– Се реевидентират икони, како споменици на културата, библиографскиот материјал, животопис и архитектурата на црквите на територијата на четирите општини за кои е надлежен „Завод и музеј“. Проектот е многу значаен, бидејќи со години тоа не е направено. Треба да се види каква е ситуацијата со сите случувања во минатиот период со кражбите. За среќа, на нашата територија ги немаше. Да се види со што располагаме, да се направи попис. Иконите најмногу се од 17 до 19 век, а највредните од 14 и од 15 век се или во прилепскиот, во Галеријата на икони, или во Музејот на Македонија, истакна директорот прилепскиот „Заводот и музеј“, Гордана Даниловска – Спировска.
Стручните лица почнаа со евиденцијата на големото културно богатство. Според кустосот Мимоза Христоска, сега почна реевиденцијата во црквите во кривогаштанскиот, веднаш потоа и во крушевскиот регион.
– Иконите во селските цркви се добро зачувани. Црковните одбори навистина се ангажирани да го зачуваат ова културно богатство. Пронајдени се дел икони кои не се евидентирани. Пронајдени се икони кои имаат голема уметничка вредност и од сликарски аспект, и од композициски. Во неколку церкви во кривогаштанско откривме за прв пат вредни икони. Голем број од иконите се од 19 век, но има икони кои се пронаоѓаат и се од 17 и од 18 век. Богатството е неизмерно – рече кустосот Христоска.
Проектот за реевиденција на иконите, животописот и архитектурата на црквите од регионот ќе се одвива во етапи и ќе трае три години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.