Годинава во Стокхолм меѓу 10 и 14 мај по 61. пат ќе се одржи Изборот за песна за „Евровизија“, каде што своите музички способности ќе ги вкрстат 43 земји.
По една година пауза, на евровизиската сцена повторно се враќа Украина, како и Босна и Херцеговина, која последен пат учествуваше во 2012 година, а Хрватска и Бугарија се враќаат за првпат од 2013 година. Единствената земја што се повлекува годинава е Португалија, која учествуваше 48 пати и не победи ниту еднаш.
Годинава уште еднаш ќе видиме и седум изведувачи што претходно настапувале на евровизиската сцена, меѓу кои и нашата Калиопи, која веќе не претставуваше во 1996 и 2012 година. Дин исто така повторно ќе настапи за Босна и Херцеговина, уште еднаш ќе ја видиме и бугарската претставничка Поли Генова. По вторпат ќе учествува и црногорскиот пејач Бојан Јововиќ, Ира Лоско од Малта, Дони Монтел од Литванија и Грета Саломе од Исланд.
До „Евровизија“ остана еден месец, а сите забрзано се подготвуваат за настанот, и пејачите, и домаќинот. Поради непарниот број учесници, во првата полуфинална вечер ќе настапат 18 земји, а во втората 19, меѓу кои и Македонија.
Обложувалниците велат дека фаворит за победа е Русија, втора е Шведска, а трета Франција, но резултатот, секако, ќе го почекаме до 14 мај.
Првата полуфинална вечер ќе се одржи на 10 мај, втората полуфинална вечер на 12 мај, а финалето на 14 мај.
Извор: Вистина.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.