Министерството за култура денеска во Ресен ја промовираше Спомен куќата на Татарчеви, проект на Владата на Република Македонија за кој се вложени 30 милиони денари.
На промотивниот настан во Ресен, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска истакна дека преку возобновувањето на Домот на Татарчеви воедно длабоко се поклонуваме пред големата жртва и придонесот на нашите револуционерни дејци кои целиот свој животен век го посветија на изворната идеја за самостојна и независна македонска држава на Балканот.
– Градот Ресен, но и Република Македонија добиваат еден нов културен дом во кој е содржана идејата да се претстават најзначајните личности од историјата на Македонската револуционерна историја кои се поврзани со животот и делото на Христо Татарчев, како и личности кои потекнуваат од овој крај и кои со своите интелектуални и дипломатски потенцијали ја одбележале балканската историја, посочи Канческа Милевска.
Ентериериерот на Спомен куќата на Татарчеви е амбиентално облагороден со оригинални предмети од куќата на Татарчеви од крајот на 19. и почеток на 20. век. Во куќата се изложени 8 восочни фигури, како и сликарски композиции кои бележат историски моменти, односно Ресенското советување на Македонската револуционерна организација-МРО во 1894 година и Ресенската чета на војводата Славејко Арсов, кои денес, меѓу другите посетители ги погледна и претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски.
– Минатата година имав чест да присуствувам на почнувањето на градбата, а еве денес сум на свеченото отворање на куќата со голем број автентични предмети, има одлична сценографија, уметниците и историчарите завршиле одлична работа и на задоволство на сите граѓани како и на поширокото семејство Татарчеви. Ова место во иднина ќе биде посетувано од многу луѓе кои ја познаваат историјата или кои што сакаат да се запознаат со историјата. Ова изборно ветување го ветивме пред граѓаните на Република Македонија бидејќи д-р Христо Татарчев беше значајна личност не само за Ресен, туку тоа е личност која има големо значење за сите граѓани, за целата држава и нација, истакна лидерот на ВМРО ДПМНЕ, истакна Груевски.
Општина Ресен очекува со отворањето на Спомен куќата на Татарчеви директно да се влијае врз развојот на монументалниот туризам за кој тамошната локална самоуправа континуирано се залага, истакна градоначалникот на општина Ресен, Ѓоко Стрезовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.